На 10 октомври 2025 година, во НУ Центар за култура Крива Паланка, се одржа Јавна трибина со кандидатите за градоначалници и носители на советнички листи во општината.
Главна тема на трибината беа граѓанските приоритети претходно утврдени низ широк консултативен процес и тоа: водоснабдување, изградба на главен колектор и пречистителна станица за отпадни води, дополнителни паркинг, локален јавен превоз, изградба на капела на старите гробишта, старски дом и сл.
Кандидатите имаа можност да се изјаснат дали овие приоритети се дел од нивните изборни програми за Крива Паланка и да објаснат на кој начин планираат да ги реализираат, доколку ја добијат довербата на граѓаните.
Присутните поставуваа прашања и даваа предлози за подобрување на приоритетите, со цел поттикнување на локалниот развој и подобар живот во заедницата.
Jавната трибина покажа дека граѓанскиот глас е суштински дел од креирањето локалните политики и идентификувањето на реалните потреби на населението.
Иако беа поканети сите кандидати за градоначалници (двајца) и 5-те носители на советнички листи, своите планови за граѓанските приоритети на трибината ги претставија кандидатот за градоначалник од СДСМ Сашко Митовски и носителите на советничките листи на СДСМ и ЗНАМ Миле Трајковски и Мартин Додевски.
Настанот го организираше РЦС Спектар од Крива Паланка, кој е дел од Форумот за граѓански дијалог, во рамки на проектот „Активни граѓани и партиципативна демократија на локално ниво“, што го спроведува НВО Инфоценар со поддршка од Меѓународниот центар „Улоф Палме“ од Шведска.
















