На 18 ноември годинава, во општина Центар Жупа за прв пат се одржа „ Есенски саем 2024“, саем на домашни производи и ракотворби од 26 жени од руралните средини од повеќе населени места на општините Дебар, Центар Жупа и Маврово Ростуше.
Активноста, организирана во просториите на огранокот на Радика-ДЕ во Центар Жупа, ја посетија педесетина жители, претставници од општината, млади и стари.
Учесниците на саемот ги поздрави градоначалникот на општина Центар Жупа, Аријан Ибраим. Тој изрази задоволство за организацијата на настанот за прв пат од ваков вид во Центар Жупа, едновремено нагласувајќи ја важноста од засилената соработка на ЕЛС Центар Жупа и Здружението Радика-ДЕ кое од минатата година има свој огранок во Центар Жупа, што претставува важен исчекор за жените од општината.
Посетителите имаа можност да ги разгледаат штандовите на жени од повеќе населени места од трите општини: од Велебрдо- Маврово и Ростуше, од Могорче и Долно Косоврасти од Дебар, и од Новак, Оџовци, Баланци , Мал и Голем Папрадник и Центар Жупа.
На штандовите се најдоа разни видови џемови , слатки, сокови од шумско овошје, разни видови билки и чаеви ,оцет од диво јаболко ,овошје, плетени и везени изработки, рачно изработен накит, сувенири и сл.
Есенскиот саем е дел од напорите за поголема мобилизација на жени кои се економски зависни, а имаат потенцијал за економска активација и индивидуален напредок во заедницата и општеството.
Саемот го организираше здружението Радика ДЕ од Дебар, како дел од напорите за економско зајакнување на руралните жени. Настанот е дел од проектот „Здружени за активно граѓанство“ на НВО Инфоцентар кој се спроведува со поддршка од Европската Унија.