Првата регионална лабораторија за млади, медиумска писменост и дигитализација се одржа на 8 ноември 2024, со онлајн учество на 24 учесници, претставници од граѓанскиот сектор, медиумите, академија и институциите на земјите од Западен Балкан – Северна Македонија, Србија, Албанија, Косово и Босна и Херцеговина кои дискутираа за актуелните политики, состојби и процеси во областа на медиумската писменост и дигитализација во регионот, низ призмата на младите и нивните потреби.
Средбата започна со презентација на наодите од Компаративната анализа на младинските политики во Западен Балкан, со фокус на главните предизвици поврзани со медиумската писменост и дигитализација. Наодите беа почетна точка за групната дискусија за состојбите на Балканот.
Поделени во мали групи составени од претставници од сите земји, учесниците ги споделија своите перспективи во однос на главните прашања од областа на медиумската писменост и дигитализацијата во регионот. Заклучоците беа споделени на пленарната седница со намера да се создадат пошироки области на интерес поврзани со темата, кои би можеле да бидат предмет на интервенции на политиката на национално ниво.
Учесниците се согласни дека е зголемен јазот меѓу традиционалните медиуми и младите луѓе, а младите се повеќе губат интерес за видот на содржината и информациите што ги произведуваат традиционалните медиуми. Традиционалните медиуми треба да ги искористат социјалните медиуми и да го приспособат својот пристап за да ја најдат, допрат и одржат младата публика.
Создавање и ширење на лажни содржини на интернет резултира со дезинформации кај младите, кои информациите најчесто ги добиваат преку интернет. Негативното влијание од создавањето и ширењето лажни содржини за поединци резултира со сајбер малтретирање, онлајн вознемирување и следствено влошување на менталното здравје на младата публика.
Недостаток на компетенции за медиумска писменост кај младите може единствено да се реши до развивање вештини за критичко размислување, и запознавање со прашањата за приватност и безбедност на податоците. Сепак, пристапот за развивањето компетенции за медиумска писменост треба да биде приспособен на нивните модели на учење и на нивните потреби, како и на нивниот различен пристап кон технологијата.
Покрај младите, обука за медиумска и дигитална писменост е потребна и за другите општествени групи кои најмногу се занимаваат со младите, како што се родителите, наставниците и другите даватели на услуги за младите.
Исто така, беше констатирано дека во западнобалканските земји недостасуваат механизми регулирање на делувањето на големите дигитални корпорации.
Регионалната лабораторија за млади, медиумска писменост и дигитализација е дел од проект „Регионален младински дијалог за Европа – RYDE“, поддржан од Европската Унија. Проектот го спроведува Фондацијата Центар за демократија од Србија во соработка со граѓанските организации (ГО) од Западен Балкан: Академија за европски интеграции и преговори и Центар за младинска акција (Албанија), Иницијатива за стабилност на Косово (Косово), Мрежа на прогресивни иницијативи (Босна и Херцеговина), Фондација НВО Инфоцентар (Северна Македонија) и Регионална академија за демократски развој (Србија).