На 13 ноември, во Крива Паланка се одржа Јавна дебата за реализација на граѓанските приоритети во Општина Крива Паланка, кои произлегуваат од Меморандумот за соработка 2023-2025, потпишан на 26 декември .2022 година помеѓу РЦС Спектар, членка на Форумот за граѓански дијалог и градоначалникот Сашко Митовски.
Јавната трибина беше организирана во соработка со локалната самоуправа, а на неа учествуваа граѓани, претставници на општинската администрација, невладини организации и јавни институции.
Граѓаните беа информирани за реализацијата на клучните приоритети во текот на 2024 година и тоа:
- Решавање на сообраќајниот метеж,
- Воведување локален јавен превоз,
- Селекција и преработка на отпадот,
- Изградба на атмосферска и фекална канализација,
- Поголема поддршка за младите,
- Ревитализација на месните заедници и др.
Жаклина Цветковска од РЦС Спектар даде краток осврт за преземените мерки и активности од страна на општината за решавање на истакнатите проблеми со кои се соочуват граѓаните. Беше констатирано дека се реализираат повеќе проекти за подобрување на квалитетот на живот на населението во однос на посочените области. Цветковска информираше и дека останува проблемот со ревитализација на месните заедници за кои се чека носење нови законски решенија. Истовремено е нотирано и дека селекцијата на отпадот е условена од изградбата на регионалната депонија во Свети Николе, но дека општината презема одредени мерки во процесот на приклучување кон регионалниот систем за управување со отпадот.
Лидија Митовска, координатор и модератор на буџетскиот форум, кој вклучува родово одговорно планирање на буџетот на Општина Крива Паланка, ги презентираше резултатите од реализацијата на граѓанските предлози произлезени од форумскиот процес. Митовска истакна дека од вкупно 40 граѓански приоритети кои станале дел од буџетските програми на општината за 2024 година целосно се реализирани 47,50 % проекти, во фаза на реализација се 27,50 %, делумно се реализирани 2 проекти, а 8 проекти не се реализирани. Таа исто така информираше дека во буџетот за 2025 година се прифатени 45 граѓански предлози произлезени од неодамна одржаниот буџетски форум.
Учесниците на дебатата изразија задоволство од степенот на реализација на граѓанските приоритети, особено во поглед на системските мерки со кои се решава сообраќајниот хаос. Нивен став е дека треба да има повеќе продуктивни мерки за поддршка на младите, особено за намалување на невработеноста и спречување на миграцијата. Беше даден предлог да се воведат повеќе стрчни паралелки за дефицитарни занимања и да се воспостави соработка со компаниите од општината и регионот за обука и вработување на младите. Тие го поддржаа и предлогот за отворање на Младински културен центар кој ќе има едукативно-информативна, но и креативна и развојна улога во ангажманот и активизмот на младите генерации од општината.
Широка дебата беше отворена и во поглед на селекцијата на отпадот, при што беше посочена ниската свест на граѓаните, но и необезбедените ресурси за селекција на отпадот. Беше подвлечено дека и покрај повеќе обезбедени контејнери за селектиран отпад, истиот завршува на Градската депонија, заедно со комуналниот отпад, затоа што нема станици за преработка и рециклирање. Дадоа повеќе препораки и за доизградба на патната и комунална инфраструктура.
Раководителката на Секторот за правни работи, јавни дејности и поддршка на градоначалникот, Даниела Велковска, истакна дека општината работи посветено на реализација на граѓанските приоритети, во рамките на сопствените капацитети и можности. Според неа предлозите на граѓаните и нивните препораки даваат јасни насоки за развој на општината, кои локалната самоуправа треба да ги следи.
Граѓаните се сложија дека во пресрет на локалните избори во 2025 година потребни се повеќе консултативни средни и јавни дебати со кандидатите за градоначалници и за советници за да имаат јасна слика кому да му ја дадат довербата. Јавната дебата е дел од активностите на Форумот за граѓански дијалог, предводен од НВО Инфоцентар, во рамки на проектот „Активни граѓани и партиципативна демократија на локално ниво“, поддржан од Меѓународниот центар Улоф Палме од Шведска.