РЦС Спектар, во соработка со Општина Крива Паланка, на 11 декември 2023 година, организираше јавна трибина на која беа презентирани резултатите за реализација на граѓанските приоритети за 2023 година.
Приоритетите се дел од меморандумот на организацијата со градоначалникот Сашко Митовски со кој тој се обврзува да реализира вкупно 38 граѓански приоритетни проекти за периодот 2023-2025 година. Жаклина Цветковска од РЦС Спектар информираше за реализација на проектите од приоритетната листа за оваа година, но ги навести и идните активности на општината. Граѓаните заклучија дека за периодот од една година општината успеала да реализира дел од нивните приоритети и побараа во наредните 2 години уште поголем обем на задоволување на приоритетните потреби.
Секретарот на општина Крива Паланка, Мартин Николовски, им заблагодари на граѓаните за нивното вклучување во креирањето локални политики и порача дека се очекува успешна реализација. „Радува што граѓаните преку директен и партиципативен пристап, тематски, дебатни сесии, форуми и слични форми на учество , даваат активен придонес во изготвувањето на оперативните програми и алокацијата на буџетски средства. Тоа придонесува заеднички да ја менуваме сликата за Крива Паланка, да го поддржувам развојот и да градиме модерна и посакувана општина“, подвлече Николовски, кој воедно е и координатор на проектот за спроведување на буџетскиот форум.
Лидија Митовска, модераторот на буџетскиот форум, информираше за реализација на граѓанските приоритети за 2023 година кои произлегоа од овој процес, како и за новите 40 предлози од граѓаните кои се прифатени во годишните програми за 2024 година.
На крајот се отвори плодна дискусија на која учесниците на јавната дебата дадоа повеќе сугестии и предлози за поуспешна реализација на приоритетите. Меѓу најзначајните предлози е решавањето на проблемот со изградба на колекторскиот систем и пречистителната станица. Со оглед дека се работи за огромна инвестиција која општината не може сама да ја реализира, граѓаните предложија набавка на подвижни или секторски пречистителни станици од помал обем за приоритетно решавање на овој круцијален проблем.
Истовремено, беа дадени предлози за вклучување на приоритетите на лицата со попреченост, реконструкција на водоводна мрежа, ефикасно решавање на приватизација и легализација на објектите, изградба на атмосферска канализација и слично.
Јавната дебата е организирана во рамки на проектот „Активни граѓани и партиципативна демократија на локално ниво“, на НВО Инфоцентар, а поддржан од Меѓународниот центар Улоф Палме.