Вештачката интелигенција (ВИ) не може да се доближи до суптилноста, душата и емоциите , ниту да го замени допирот на уметникот со материјалот . Уметничкото дело е израз на човековата експресија, на неговата внатрешна состојба , на она што авторот сака да го каже на свој оригинален начин и ниту една алатка како што е ВИ не може тоа да го надомести.
Ова е главниот заклучокот на присутните на јавната трибина „Про и контра вештачката интелигенција во уметноста“, која се одржа во EU House Крива Паланка на 19 октомври годинава.
Панелисти на настанот беа Драган Китановски, електроинженер и Роберт Цветковски, академски сликар. И двајцата го споделија ставот дека уметноста е тешко споива со вештачката интелигенција.
Тие го делат мислењето дека ВИ е секогаш добра, се додека не се најде во погрешни раце или некој што има зла намера, со што станува многу опасна. Исто така сметаат и дека може да биде полезна се додека човекот управува со неа и може да ја контролира, но доколку ја премине границата и самата почне да го уредува и управува светот тогаш ќе биде погубно.
„Доколку уметникот користи вештачка интелигенција ќе нема потреба да размислува , туку ќе треба да притисне само едно копче и ќе создаде слика. Но, тоа не е уметност, така се губи индивидуалноста, идентитетот и препознатливоста на уметникот. Можеби ВИ е добра за научно-истражувачката дејност, учење, производни процеси, но не и за уметноста“, сметаат панелистите.
И младите го делат мислењето дека уметноста е креативен процес кој ја исклучува вештачката интелигенција. Може да се користи само како алатка во одредени видови уметност која создава одредена експресија, но не и индивидуален израз проникнат од внатрешните чувства на авторот.
На истата тема, на 20 октомври беше организиран и уметнички перформанс со изработка на скулптура во јавен алтернативен културен простор на отворено. Во изработката на делото учествуваа млади од СОУ„Ѓорче Петров“, под менторство на академската скулпторка Анета Стојчевска.
Акцијата ја организира Центарот за аудиовизуелни уметности од Крива Паланка , во рамките на проектот „Здружени за активно граѓанство“ што го спроведува НВО Инфоцентар со финансиска поддршка на ЕУ.






