Во соработка со здружението Радика-Де од Дебар, на 8 и 9 мај 2023, во општините Дебар и Центар Жупа, се одржаа две работилници за поддршка и економско зајакнување на жените од руралните средини.
Дванаесет учеснички од Дебар и десет учеснички од Центар Жупа, претприемачки кои изработуваат плетени производи, бижутерија, органски мармалади/џемови и други производи од рачна изработка, активно учествуваа на работилниците за дизајн и пакување производи во домашни услови.
На работилниците, имаа можност преку практична работа да осмислат и реализираат едноставни пакувања и дизајни на етикети и декларации. Истовремено, добија и практични идеи како да ги промовираат домашните производи на социјалните мрежи.
Работилниците за економско зајакнување на жените, организирани и одржани во рамки на програмата на здружението Радика-Де од Дебар, поддржана од Акција Здруженска, ги поддржавме преку проектот „Активни граѓани и партиципативна демократија на локално ниво“, финансиран од Меѓународниот центар Улоф Палме од Шведска. Настаните ги поддржаа и ЕЛС Дебар и Центар Жупа.







