На 22 октомври 2024 година, во х. Парк во Скопје се одржа годишната координативна средба на Форумот за граѓански дијалог (ФГД).
На средбата се разговараше за тековните активности на Форумот, спроведувањето на онлајн анкетата за испитување на ставовите на граѓаните во врска со решавањето на граѓанските приоритети во шест општини (Крива Паланка, Свети Николе, Струга, Штип, Крушево и Демир Хисар) и плановите за организирање јавни настани.
На средбата исто така се дискутираа и можностите за понатамошно функционирање на Форумот и негово зајакнување и проширување пред локалните избори во 2025 година.
ФГД се формираше во пресрет на Локалните избори 2021, од шест партнерски граѓански организации (НВО Инфоцентар, Младински културен центар-Битола, Центар на заедницата на општина Струга, Гласен Текстилец, Мултикултура и Идеа ЈИЕ), во соработка со уште три граѓански организации Спектар, Граѓанска иницијатива на жени од Свети Николе и Центар за развој на медиуми.
Низ годините, ФГД реализираше серија активности за поттикнување на директното учеството на граѓаните во јавната дискусија за приоритетите, проблемите и потребите во нивните локални заедници. Форумот за граѓански дијалог е поддржан од меѓународниот центар Улоф Палме од Шведска.







