Повеќе од половина од анкетираните граѓани негативно ја оценуваат транспарентноста на општините, речиси 60% сметаат дека нема доволно можности за граѓанско учество, а само 20% досега учествувале во јавни расправи, консултации или други форми на локално одлучување.
Ова се дел од клучните наоди од анкетата за граѓанска перцепција за работата на локалните власти и реализацијата на граѓанските приоритети во шест општини – Крива Паланка, Свети Николе, Штип, Демир Хисар, Струга и Крушево.
Анкетата ја спроведоа НВО Инфоцентарот и партнерските организации членки на Форумот за граѓански дијалог, од 4 до 15 септември 2026 година, со учество на 708 испитаници.
Резултатите покажуваат дека, иако половина од испитаниците се задоволни или делумно задоволни од работата на својата општина, значителен дел имаат критички ставови за транспарентноста, комуникацијата со локалните власти и резултатите од реализацијата на граѓанските приоритети.
Транспарентноста и граѓанското учество остануваат сериозен предизвик

Според анкетата, 54% од испитаниците негативно ја оценуваат транспарентноста на својата општина, додека 35% имаат позитивна оценка. Крива Паланка е единствената од шесте општини во која преовладуваат позитивните оценки за транспарентноста (64%). Во Свети Николе, Штип, Струга и Крушево, пак, повеќе од 60% од испитаниците сметаат дека транспарентноста е слаба или многу слаба.
Особено загрижувачки се резултатите за граѓанското учество. Речиси шест од десет испитаници сметаат дека општините не обезбедуваат доволно можности за учество во локалните процеси на одлучување. Само еден од десет смета дека овие можности се доволни.
Истовремено, само 20% од испитаниците досега учествувале во јавни расправи, консултации или други форми на граѓанско учество. Најниско учество е регистрирано во Струга (12%), каде што 65% од испитаниците сметаат дека можностите за вклучување на граѓаните се недоволни.
Овие наоди укажуваат дека локалните власти треба да вложат поголеми напори за навремено информирање, отворена комуникација и суштинско вклучување на граѓаните во утврдувањето на приоритетите, планирањето и следењето на општинските политики.
Различни оценки за работата на шесте општини
Задоволството од работата на локалните власти значително се разликува меѓу општините.

Најпозитивни оценки има во Крива Паланка, каде што 71% од испитаниците се задоволни или делумно задоволни од работата на општината, а 53% забележале конкретни подобрувања во својата заедница. Најголем напредок се препознава кај обезбедувањето дополнителни паркинг-простори и водоснабдувањето. Сепак, само една четвртина од испитаниците сметаат дека општината обезбедува доволно можности за граѓанско учество.
Најкритични се испитаниците од Свети Николе, каде што 64% се незадоволни од работата на општината, а само 2% забележале конкретни подобрувања. Најнегативни се оценките за комуналната хигиена, управувањето со отпадот, водоснабдувањето и одржувањето на улиците.
Во Штип, 49% од испитаниците се задоволни од работата на општината, но 61% негативно ја оценуваат транспарентноста. Особено критични се оценките за справувањето со бездомните животни, урбанистичкиот развој, управувањето со отпадот и јавните површини.
Во Демир Хисар, 51% од испитаниците се задоволни од работата на локалната власт. Најмногу активности препознаваат во подобрувањето на локалните патишта и улици, додека најмалку напредок забележуваат во развојот на индустриската зона.
Во Струга, 46% од испитаниците се задоволни од работата на општината, но 64% негативно ја оценуваат транспарентноста. Позитивни оценки има за реконструкцијата на водоводната мрежа, додека најизразено е незадоволството од состојбата со депонијата, отпадот и комуналната хигиена.
Во Крушево, 49% од испитаниците се незадоволни од работата на општината, а 61% не забележале конкретни подобрувања. Позитивни оценки има за воведувањето паметни водомери и дигиталното следење на загубите на вода, но граѓаните укажуваат на проблеми со водоснабдувањето, патната инфраструктура и економскиот развој.
Комуналните услуги и инфраструктурата се најголеми проблеми
Анкетата покажува дека граѓаните најмногу ги засегаат проблемите што непосредно влијаат врз квалитетот на секојдневниот живот.

Од 663 испитаници кои одговориле на отвореното прашање за најголемите локални проблеми:
- 33% ги посочиле отпадот, депониите и комуналната хигиена;
- 28% патиштата и инфраструктурата;
- 26% водоснабдувањето;
- 24% сообраќајот и паркирањето;
- 19% бездомните животни.
Иако проблемите се разликуваат од општина до општина, заедничко е очекувањето на граѓаните локалните власти да се фокусираат на конкретни, видливи и одржливи подобрувања.
Во Струга најчесто се споменуваат отпадот и депонијата, во Крива Паланка и Крушево водоснабдувањето, а во Штип сообраќајот, паркирањето и бездомните животни. Во Свети Николе особено се истакнуваат проблемите со комуналната хигиена и водоснабдувањето, додека во Демир Хисар доминираат патиштата и инфраструктурата.
Граѓаните го препознаваат напредокот, но бараат поконкретни резултати
Резултатите од анкетата беа споредени и со наодите од мониторингот на реализацијата на граѓанските приоритети во шесте општини, спроведен во рамки на Форумот за граѓански дијалог.
Според мониторингот, од вкупно 31 утврден граѓански приоритет, започната е реализацијата на 26, од кои четири се во напредна, десет во средна и 12 во почетна фаза. Пет приоритети сè уште не се започнати.
Споредбата покажува дека испитаниците почесто препознаваат напредок кај приоритетите што се во понапредна фаза на реализација. Кај нив 60% од одговорите укажуваат на целосен или делумен напредок, додека кај приоритетите во почетна фаза 54% од одговорите укажуваат дека нема напредок.
Овие резултати ја потврдуваат важноста на континуираното следење на локалните политики, но и потребата општините редовно да ги информираат граѓаните за преземените активности, постигнатите резултати и следните чекори.
Граѓаните сакаат да бидат слушнати, но и да видат резултати
Покрај оценките за работата на општините, испитаниците дадоа конкретни предлози за подобрување на локалното управување.
Тие бараат поголема транспарентност, почести јавни дебати, поефикасни инспекциски служби, подобра комуникација и навремено решавање на пријавените проблеми.
Еден од испитаниците од Струга предлага:
„Да има систем на пријавување проблеми каде што ќе биде одговорено и статусот ќе биде следен.“
Испитаник од Штип порачува:
„Важно е да се слуша народот! Повеќе вакви анкети, транспарентност и приоритет на ‘малите работи’ што го чинат граѓанското секојдневие подобро.“
Граѓаните бараат и нивните приоритети да бидат вклучени во општинските програми и буџети, а планираните активности да се спроведуваат навремено, транспарентно и со јасна отчетност.
Од граѓански приоритети до конкретни општински политики
Анкетата покажува дека граѓаните имаат јасни очекувања од своите општини: подобри јавни услуги, функционална инфраструктура, транспарентно трошење на јавните средства и реални можности да влијаат врз одлуките што го засегаат нивниот секојдневен живот.
Резултатите истовремено укажуваат дека граѓанското учество не треба да завршува со консултација или анкета. Потребно е локалните власти да покажат како предлозите на граѓаните се преточуваат во општински програми, буџети и конкретни активности.
Наодите од анкетата претставуваат дополнителна основа за јавен дијалог, граѓански мониторинг и застапување за поотворени и поотчетни локални институции.
Форумот за граѓански дијалог ќе продолжи да го поттикнува дијалогот меѓу граѓаните, граѓанските организации и локалните власти, со цел граѓанските приоритети да добијат соодветно место во локалните политики и нивната реализација да биде видлива, мерлива и отчетна.
Целосниот извештај: „Анкета за граѓанска перцепција – Реализацијата на граѓанските приоритети во шест општини“, септември 2026.



Анкетата е спроведена анонимно и онлајн, на доброволна основа, со неслучаен примерок од 708 испитаници. Резултатите ги одразуваат ставовите на учесниците во анкетата и не се статистички репрезентативни за целокупното население на шесте општини.
Форумот за граѓански дијалог (ФГД) е мрежа на граѓански организации координирана од НВО Инфоцентар. Активни членки на мрежата се: Гласен Текстилец – Штип, Младински културен центар – Битола, РЦС Спектар – Крива Паланка, Граѓанска иницијатива на жени – Свети Николе и Центарот на заедницата на Општина Струга. Активноста се реализираше во рамки на проектот: „Активни граѓани и партиципативна демократија на локално ниво“, поддржан од меѓународниот центар „Улоф Палме“ од Шведска.






