Гостивар, 20 септември 2025 – Младите во Гостивар се подготвени да се вклучат во процесите на одлучување и креирање локални политики, но сè уште се соочуваат со сериозни бариери. Недостаток на информации, недоверба во ефектите од младинските иницијативи и недоволна институционална поддршка се најчестите причини поради кои многу млади остануваат на маргините на општествениот живот.
Ова го покажа истражувањето спроведено од Иницијатива за граѓански интеграции (ИГИ) – Гостивар, во рамките на проектот „Млади за заедницата: Вклучување преку идеи и дијалог“. Резултатите се добиени од онлајн анкетата на млади на возраст од 15 до 29 години и длабински интервјуа со активисти, претставници на локалната самоуправа и членови на Локалниот младински совет.
Интерес постои, но е повремен
Анкетата открива дека 54,9% од младите се малку информирани за можностите за учество, а една четвртина воопшто нема информации. Само 2% рекле дека имаат целосен увид во достапните програми и активности.
Проектниот менаџер во ИГИ, Анета Филиповска посочува дека на прашањето „Колку си информиран/а за можностите за младинско учество во Гостивар?“, најголем дел 54.9% изјавиле дека се малку информирани. Тоа според неа значи дека имаат одредена, но недоволна свест за ваквите можности. Понатаму, 25.5% одговориле дека воопшто не се информирани, што покажува дека речиси една четвртина од младите немаат никакви информации за младинско учество. Од друга страна, 17.6% рекле дека се добро информирани.
„Младите имаат волја и идеи, но честопати не знаат каде и како да се вклучат. Најголемиот дел од нив ги спречува токму недостигот на информации и слабата видливост на можностите,“ изјави Анета Филиповска, проектен менаџер во ИГИ Гостивар.
Кога станува збор за практично ангажирање, 47,1% учествувале само еднаш или двапати, а 35,3% никогаш не биле дел од младинска иницијатива. Редовно се вклучуваат едвај 3,9% од испитаниците.
Што ги мотивира младите и што ги интересира
На ова прашање одговорот добиен низ Истражувањето покажува дека младите најголем интерес имаат за теми поврзани со правата на младите (49%), образованието и дигиталните вештини (41,2%), како и за екологијата (29,4%). Помал интерес е забележан за волонтерство, култура и уметност.
Според Филиповска, охрабрувачки е податокот што дури 70,6% би учествувале во бесплатни обуки за застапување и активизам, а останатите изразиле отвореност за ваква можност. „- Ова е јасен сигнал дека младите сакаат да учат и да се надградуваат, но на нас како заедница останува да им го овозможиме тоа преку квалитетни програми и поддршка”, оценува Филиповска.
Улогата на Младинскиот совет
Повеќето испитаници очекуваат Младинскиот совет да предлага решенија за проблемите на младите (47,1%) и да биде врска со општината (33,3%). Сепак, дел од младите сè уште не знаат што претставува Советот, што ја потврдува потребата од негова поголема промоција. Дел од членовите на Советот во интервјуата признаваат дека активностите не се реализираат со континуитет, а најчести предизвици се недоволна финансиска и институционална поддршка.
Институциите гледаат потенцијал
Меѓу испитаниците беа и претставниците на општината. Тие го констатираат дека младинското учество како значајно, но сметаат дека е потребно да се унапреди мотивацијата и информирањето. Тие како позитивен чекор го истакнуваат формирањето на Локалниот младински совет во 2023 година и поддршката за два младински центри во градот.
Според проектниот менаџер, Филиповска како заклучок во Истражувањето е дека младите во Гостивар се подготвени да бидат двигатели на промени, но без појасни канали за информирање и посилна институционална поддршка нивниот потенцијал останува недоволно искористен.
– Потребни се кампањи преку социјалните мрежи, обуки за застапување и транспарентни механизми за учество. Младите мора да се третираат како партнери, а не само како корисници на политики. Гостивар има генерација која е подготвена за тоа – останува институциите и заедницата да ја слушнат.
Автор: Зоран Маџоски
Целосниот текст од истражувањето ќе го најдете овде.
Прилогот е подготвен со поддршка од Европската Унија, во рамки на проектот „Здружени за активно граѓанство“. Содржината е единствена одговорност на авторот, и на никаков начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Европската Унија.







