Недоволна застапеност на жените во локалната власт
НВО Инфоцентар, во соработка со граѓанските организации АКТИВО, РЦС Спектар, СПО КУЛ и Граѓанска иницијатива на жени (ГИЖ), во периодот септември – декември 2021, ги набљудуваше Локалните избори 2021 и конституирањето на новите локални власти во општините Велес, Крива Паланка, Свети Николе и Неготино.
Главниот аспект на набљудувањето беше насочен кон застапеноста на жените и младите во изборните програми на кандидатите за градоначалници, на советничките листи, како и составот на новите општински совети и комисии.
Мониторингот се реализираше во рамки на проектот „Активни граѓани и партиципативна демократија на локално ниво“, поддржан од меѓународниот центар Улоф Палме од Шведска.
Клучни наоди
Состав на кандидатските листи
На Локалните избори 2021, немаше ниту една кандидатка за градоначалничка на општините Велес, Крива Паланка, Свети Николе и Неготино.
Жените не беа доволно застапени на кандидатските и советничките листи во овие општини, а нивното отсуство најмногу се забележуваше на добитните позиции. Носителки на советнички листи имаше на само четири листи и тоа, на две во Неготино (ВМРО ДПМНЕ и Единствена Македонија), на една во Крива Паланка (СДСМ) и на една во Свети Николе (ЛДП-ДОМ).
Поголема застапеност на жените на советничките листи во однос на мажите имаше во Свети Николе и тоа, на советничката листа на ЛДП-ДОМ (60%), како и на советничката листа на СДСМ (52,63%) за Крива Паланка. На советничката листа на СДСМ за Велес беше регистриран повисок процент на застапеност на жените од законскиот минимум односно 50%, како и на советничката листа на ИНТЕГРА за Крива Паланка – 47,36%, но и на советничките листи на СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, Левица и Единствена Македонија за Неготино – по 46.66%.
Беа регистрирани и советнички листи кои не ја испочитуваа родовата квота од 40%, како на пример,листата на ТМРО за Неготино, на која жените беа застапени со само 33.33%.
На листите за советници речиси немаше жени од руралните средини, освен две на советничката листа на ИНТЕГРА во Крива Паланка.
Родовата рамноправност и младите во изборните програми
Во изборните програми на кандидатите за градоначалници речиси целосно отсуствуваше родовата димензија односно немаше никакви заложби или политики за поттикнување на родовата рамноправност. Изостанаа политики и мерки за поголемо вклучување на жените, за социјално-економско зајакнување на жените од ранливите категории, како на пример, жените од руралните средини и др. Во сите програми само воопштено се потенцираше заложбата за рурален развој, ревитализација на селските населби, стимулирање на земјоделството и сточарството, изградба на патна и комунална инфраструктура, заживување на месните заедници и др.
Исклучок беа програмите на само неколку кандидати, како на пример, програмата на кандидатот за градоначалник на Велес од ВМРО-ДПМНЕ, во која тој меѓу другото, се заложи за поголемо вклучување на жените во креирањето политики на локално ниво и за поттикнување на женското претприемништво, додека кандидатот за градоначалник на Крива Паланка од Коалицијата ЛДП-ДОМ, во својата програма нотираше дека ќе се залага за правична родова застапеност, односно за поголема застапеност на жените во администрацијата.
За разлика од родовата рамноправност, младите беа позастапени во програмите на кандидатите за градоначалници.Предложените мерки и политики за младите претежно се однесуваа на формалното младинско организирање, субвенционирањето, стипендирањето и др. Кандидатите предвидуваа формирање младински совети, отворање младински центри, поддршка на младински организации, стипендии и др. Изостануваа политики и мерки за нивните најгорливи проблеми: невработеноста, масовното иселување, станбеното прашање, градењето кариера и др.
Маргинализираните и ранливите групи во изборните програми
Кандидатите за градоначалници, многу малку или воопшто не им посветија внимание на етничките и маргинализираните групи граѓани. Заложба за унапредување на правата на етничките малцинства, беше нотирана во програмата на кандидатот за градоначалник на Коалицијата ЛДП-ДОМ за Крива Паланка (вработување лице од ромска националност во општината за помош и едукација на ромските семејства, иницијатива за формирање ромско фолклорно друштво), како и на кандидатот за градоначалник на СДСМ за Крива Паланка (едукативно-образовна помош за подигнување на свеста кај Ромките, здравствена заштита, подобрување на јавните услуги и комуналната инфраструктура).
Ветувањата за маргинализираните групи граѓани, пак, во најголем дел беа насочени кон обезбедување пристап до институции и образовна асистенција за лицата со попреченост, стипендии, изградба на домови за стари лица.
Состав на новите локални власти
И во новоформираните општински совети забележително е неизбалансираното учество на жените во споредба со мажите. Според процентуалното учество на жените во составот на новоизбрание општински совети, распоредот е следен: Крива Паланка – 42%, Велес – 39%, Неготино и Свети Николе по 33%.
За одбележување е единствено тоа што во три од четирите мониторирани општини, на чело на општинските совети се избрани жени – во Крива Паланка, Неготино и Свети Николе.
Мажите се во предност и во учеството во комисиите на општинските совети и нивното раководење. Во моментот на објавување на овој извештај, во Крива Паланка бројот на претседателки на комисии е поголем од бројот на претседатели. Во Свети Николе процентот на претседателки на комисии е 37.5%, во Велес е 36%, а најмала е застапеноста на жените во Неготино, само 27%.
Родовата структура на новите совети и на комисиите во општините
Велес
Советот на општина Велес има претседател.
Вкупен број советници – 23
Жени- 9 (39%)
Претседателки на комисии- 36%
Крива Паланка
Советот на општина Крива Паланка има претседателка.
Вкупен број советници – 19
Жени – 8 (42%)
Претседателки на комисии – 62.5 %
Свети Николе
Советот на општина Свети Николе има претседателка.
Вкупен број советници – 15
Жени – 5 (33%)
Претседателки на комисии – 37.5%
Неготино
Советот на општина Неготино има претседателка.
Вкупен број советници – 15
Жени – 5 (33%)
Претседателки на комисии – 27%
Прочитајте го целосниот извештај Општините, Локалните избори 2021 и родовата рамноправност
INSUFFICIENT REPRESENTATION OF WOMEN IN THE NEW LOCAL GOVERNMENTS
Monitored municipalities: Veles, Kriva Palanka, Negotino and Sveti Nikole
Candidates’ lists and programs
In the Local Elections 2021, there was not a single women candidate for mayor.
Women were not sufficiently represented on the candidates and councilors’ lists, and their absence was most noticeable in the winning positions.
There were women holders on only four councilors’ lists.
Only two councilors’ lists had more women than men.
The gender equality dimension was almost completely absent in the elections’ programs of the mayoral candidates.
Unlike gender equality, young people were more represented in the programs of mayoral candidates.
Candidates for mayors, in their programs, paid very little attention to vulnerable and marginalized groups of citizens.
Structure of the new councils and commissions
The newly formed municipal councils also lack a gender balance.
Most women councilors are in Kriva Palanka – 42%, then in Veles – 39%, and in Negotino and Sveti Nikole 33% each.
It is noteworthy that in three municipalities, women are elected as chair persons of municipal councils – Kriva Palanka, Negotino and Sveti Nikole.
Men have an advantage in participating in the commissions of the municipal councils and their management, as well.
In Kriva Palanka the percentage of women chairpersons of councils’ commissions is 62.5%, in Sveti Nikole – 37.5%, in Veles -36%.
The lowest representation of women chair persons is in Negotino – 27%.
Read the full report Municipalities, Local Elections 2021 and Gender Equality