НВО Инфоцентарот, со партнерските организации Спектар од Крива Паланка, Граѓанска иницијата на жени од Свети Николе, Организација на жени од Струмица и Активо од Велес, во периодот ноември– декември 2023 година, спроведе мониторинг на мерките и активностите што ги преземаат општините за зимско одржување на улиците и патиштата. Мониторингот опфати осум општини: Куманово, Велес, Струмица, Крива Паланка, Свети Николе, Ново Село, Босилово и Чашка, а се однесуваше на периодот 2019 – 2023 година. До општините беше доставено барање за пристап до информации од јавен карактер за објавени огласи за јавни набавки, склучени договори со економски оператори, капацитет во луѓе и опрема на зимските служби на општините.
Речиси сите општини изготвуваат годишни планови и програми за одржување на улиците и патиштата во зимски услови и предвидуваат буџет за оваа намена. Зимското одржување на улиците и патиштата во општините им е делегирано на јавните локални претпријатија, а дел од општините дополнително склучуваат годишни договори со економски оператори за ангажирање механизација, и набавка на сол и ризла.
Зимската служба кај повеќето општини почнува со работа на 15 ноември и трае до 15 март следната година. Општините имаат регистер на должината на патната инфраструктура. Таа е поделена според приоритети на чистење. Чистењето снег најпрво се одвива во урбаните и најфреквентните делови од општината, во втората фаза се чистат улиците кои не се наоѓаат во централниот дел и се помалку прометни, а локалната власт е надлежна и за оспособување на патната инфраструктура и во руралните делови на територијата на општините.
Комуналните претпријатија се надлежни за чистење на снегот од улиците, тротоарите и плоштадите во централниот дел на општините. Додека за расчистување на снежните наноси во потешко проодни делови, се ангажираат приватни фирми кои поседуваат соодветна механизација. Кога временските услови се крајно лоши и снежната покривна е голема, општините бараат интервенција од државните институции, Македонија пат, Центарот за управување со кризи и Дирекцијата за заштита и спасување.
Дел од општините секоја година објавуваат тендер преку Бирото за јавни набавки, за ангажирање фирма која поседува соодветна механизација за чистење снег. Договорот се однесува за целата зимската сезона. На јавните повици најчесто се јавува само еден понудувач и речиси секоја година тендерот за зимско одржување на локалните патишта и улиците го добиваат исти фирми. Таков е случајот со Општина Куманово, додека во Општина Велес парите за оваа намена секоја година ги делат две фирми кои постојано се повторуваат.
Помалите општини кои беа предмет на мониторингот, како Босилово и Ново Село одвојуваат помал буџет за зимско одржување на улици и патишта. Поголемите општини покриваат поголема територија и затоа, ставката за зимско одржување во нивните буџети е многу поголема. Општина Свети Николе во последните пет сезони потрошила 57.000 евра за ангажирање работна сила и механизација од приватни компании за чистење снег, додека Чашка потрошила повеќе односно 68.000 евра. Општината Крива Паланка лани и за тековната сезона го зголемила буџетот и сега одвојува 60.000 евра годишно. Општина Велес потрошила 95.000 евра, а најмногу пари потрошила Општина Куманово. Оваа општина секоја година издвојува во просек околу 200.000 евра или за пет години вкупно еден милион евра.
Освен за механизација, општините распишуваат јавен повик и за набавка на сол и ризла. Од добиените склучени договори во согласност со Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер забележливо е дека на општинските тендери за набавка на сол и ризла доминираат две фирми. Истите фирми, на пример, се појавуваат во општините Куманово, Свети Николе и Велес.
Од општините кои беа предмет на овој мониторинг единствено Општина Ново Село не ни ги достави информациите за склучени договори со фирми за ангажирање механизација за чистење на улиците и патиштата од снег, и за набавка на сол и ризла.
Овој мониторинг се реализираше во рамки на проектот „Активни граѓани и партиципативна демократија на локално ниво“, поддржан од меѓународниот центар Улоф Палме од Шведска.