По спроведената онлајн анкета и теренски разговори со граѓани од различни категории и различни населби, на 9 октомври 2025, Гласен Текстилец, како дел од Форумот за граѓански дијалог, организираше консултативна средба со граѓани, работнички, млади и претставници од урбани заедници. Средбата овозможи размена на ставови, идентификација на конкретни локални проблеми и дискусија за можни решенија.

Врз основа на анкетата, теренските разговори и дискусијата, беа утврдени осум приоритетни теми: потреба од регулирање на урбанистичкиот развој во централното градско подрачје и спречување на непропорционално градење; недостаток од зеленило и јавни површини; сериозни проблеми со паркирањето, јавниот превоз и сообраќајната безбедност; недостатоци во управувањето со отпад и хигиената во градот; неопходност од реконструкција на старите населби, особено Дузлачки Рид и Бел Камен; недоволна поддршка и услуги за лица со попреченост и нивните семејства; потреба од зголемена транспарентност и ефикасност на општинската администрација; и потреба од системско решение за бездомните животни со координација на регионално ниво.
Средбата беше дел од процесот за утврдување на граѓанските приоритети за Општина Штип, спроведен во рамки на проектот „Активни граѓани и партиципативна демократија на локално ниво“, што го спроведува НВО Инфоцентар со поддршка од Меѓународниот центар „Улоф Палме“ од Шведска.







