Мониторингот на НВО Инфоцентарот и партнерските организации опфати 31 граѓански приоритет во шест општини: Штип, Струга, Крива Паланка, Свети Николе, Крушево и Демир Хисар. Од нив, дваесет и шест (26) се започнати и се наоѓаат во различна фаза на реализација – почетна, средна, напредна, додека реализацијата на пет (5) приоритети сè уште не е почната.

НВО Инфоцентарот, со партнерските организации, членки на Форумот за граѓански дијалог (ФГД): Гласен Текстилец од Штип, Младински културен центар – Битола, Спектар од Крива Паланка, Граѓанска иницијатива на жени од Свети Николе и Центар на заедницата на Општина Струга, постојано ја следи реализацијата на идентификуваните граѓански приоритети во шестe општини. Граѓанските приоритети што се следат произлегоа од широк консултативен процес со граѓаните во текот на 2025 година, а мониторингот се фокусира на исполнувањето на обврските од меморандумите потпишани меѓу општините и членките на ФГД по завршувањето на локалните избори во 2025 година.
Најголемиот дел од приоритетите се капитални и според општините, нивната реализација најмногу зависи од обезбедувањето финансии надвор од општинските буџети (владата, меѓународните економски и финансиски институции и други донатори). Тоа најмногу се гледа кај инфраструктурата: во Демир Хисар за улици и патишта се вложени над 90 милиони денари преку јавни повици на Владата и Светската банка; во Крива Паланка за водоснабдување се обезбедени околу еден милион евра преку Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) и кредит од Европската инвестициска банка (ЕИБ); во Крушево за обиколницата е обезбедена дотација од 62 милиони денари од Министерството за транспорт.

Причините заради кои сè уште не е започната реализацијата на пет граѓански приоритети се различни. На пример, во Крива Паланка воведувањето на јавниот превоз зависи од инспекциска постапка на национално ниво, а за изградбата на капелата на старите гробишта пречка е нелегализиран објект. Кога станува збор за младинските приоритети, мониторингот покажа дека тие се реализираат забавено. Во Демир Хисар, на пример, седум месеци по повикот, иницијативниот одбор за локално собрание на млади не е свикан, а во Крушево девет месеци по одлуката за формирање младински центар, тој не е отворен.
Динамиката на реализација на приоритетите е нерамномерна, а повеќето од нив се капитални инвестиции (водоснабдување, канализација, пречистителни станици, патна инфраструктура и др.). Овој вид приоритети бараат големи финансиски средства од различни извори, координација и соработка на повеќе институции на повеќе нивоа, а имаат и подолги и покомплексни постапки.
Мониторингот, исто така, покажа дека обезбедените средства или изработената проектна документација не значат автоматски и навремена реализација. За дел од приоритетите финансирањето е обезбедено, но постапките доцнат, додека други проекти имаат готова документација, а сè уште немаат обезбедени средства за реализација. Кај некои приоритети, како на пример младинските, донесени се одлуки и објавени се повици, но и по неколку месеци тие остануваат во статус кво.
Општините покажуваат подготвеност за комуникација и транспарентност: одговараат на барањата за слободен пристап до информации и ги ажурираат интернет-страниците. Сепак, информациите често остануваат општи и не содржат конкретни износи, рокови и степен на завршеност, што ја отежнува проверката на реализацијата на приоритетите. Истовремено, примерите на добра практика покажуваат дека континуираната соработка на локалните власти со граѓанскиот сектор и постојаниот дијалог можат да донесат конкретни и видливи резултати.
Прочитајте го целосниот извештај https://nvoinfocentar.mk/wp-content/uploads/2026/10/Prioriteti_2026_MKD.pdf
Форумот за граѓански дијалог (ФГД) е мрежа на граѓански организации координирана од НВО Инфоцентар. Активни членки на мрежата се: Гласен Текстилец – Штип, Младински културен центар – Битола, РЦС Спектар – Крива Паланка, Граѓанска иницијатива на жени – Свети Николе и Центарот на заедницата на Општина Струга. Консултативниот процес на Форумот за граѓански дијалог се реализираше во рамки на проектот: „Активни граѓани и партиципативна демократија на локално ниво“, поддржан од меѓународниот центар „Улоф Палме“ од Шведска.






