Со петтата, завршна сесија, одржана на 24 јуни 2026 година, успешно го заокруживме циклусот обуки за новинарки и граѓански активистки, организиран во рамки на проектот „Родово сензитивно новинарство за локален медиумски плурализам (РЕМ)“. Последната сесија беше посветена на родовите дезинформации – сè поизразен предизвик за професионалното новинарство, демократскиот дијалог и безбедноста на жените во јавната сфера.
Обуката ја водеа експертите Огнен Јанески и Неда Чаловска Димовска, кои преку презентации, анализа на домашни и меѓународни примери и интерактивна дискусија ги запознаа учесничките со родовите дезинформации, нивните најчести форми, начините на нивно ширење и последиците што ги имаат врз новинарките, политичарките, активистките и другите жени во јавниот простор. Посебно внимание беше посветено на препознавањето на манипулативните наративи, нивната поврзаност со родово заснованото насилство, и улогата на медиумите во нивното препознавање и спречување.
Во завршниот дел од сесијата учесничките ги планираа следните активности во рамки на проектот – подготовка на медиумски содржини и организирање информативно-едукативни сесии во редакциите на локалните медиуми. На овој начин, стекнатите знаења ќе претставуваат поттик за примена на принципите на родово сензитивното известување во секојдневната новинарска практика.
Циклусот опфати пет тематски сесии посветени на различни аспекти на родово сензитивното новинарство, при што новинарките и граѓанските активистки имаа можност да ги унапредат своите знаења и вештини преку практични примери, дискусии и размена на искуства.
Овој прилог е изработен во рамки на проектот „Родово сензитивно новинарство за локален медиумски плурализам (РEM)“, спроведуван од НВО Инфоцентар, со поддршка од проектот MEdIA–Lit, спроведуван од Центарот за граѓанско образование од Црна Гора (CCE/CGO), во партнерство со Хелсиншкиот комитет за човекови права во Србија (HCHRS), Хелсиншкиот комитет за човекови права во Северна Македонија (MHC), Тиранскиот центар за новинарска извонредност во Албанија (TCJE) и Атлантската иницијатива во Босна и Херцеговина (AI). Проектот е финансиран од Европската Унија и кофинансиран од Министерството за регионален и инвестициски развој и соработка со невладини организации на Владата на Црна Гора.






