No Result
View All Result
  • English
NGO Infocentar
  • Дома
  • За нас
    • Политика за приватност
    • Организациски документи
  • Активности
  • Проекти
  • Анализи
  • Мониторинг на Медиуми
НВО Инфоцентар
  • Дома
  • За нас
    • Политика за приватност
    • Организациски документи
  • Активности
  • Проекти
  • Анализи
  • Мониторинг на Медиуми
No Result
View All Result
НВО Инфоцентар
No Result
View All Result
Дома Во фокус

Кина во македонските медиуми: Анализа на наративи и влијание

NVO Infocentar од NVO Infocentar
16/09/2025
во Во фокус, Анализи, Проект-Мапирање на кинеското (дез)информациско присуство и влијание во Северна Македонија
0
166
СПОДЕЛУВАЊА
1.3k
ПРЕГЛЕДИ
Share on FacebookShare on TwitterShare with Email

Вестите за Кина вообичаено не се дел од ударните дневни информации во медиумите во С. Македонија, но се континуирано присутни во различни области и имаат свое влијание врз тоа како граѓаните ги перципираат сложените геополитички односи, особено во делот на глобалната економија и пост-пандемискиот период.

Во домашните медиуми се појавуваат повремени фази на зголемен број вести за Кина зависно од актуелните настани во светот. Исто така, забележливо е дека во голем број случаи вестите кои се објавуваат за Кина се позитивни или неутрални кон оваа земја. Медиумските содржини главно ги отсликуваат нејзините позитивни економски достигнувања, забрзаниот технолошки развој и иновации, а се истакнува и важноста на Кина за светската економија и трговијата. Во овие објави поретко се наоѓаат вести за сензитивни прашања, како што се на пример, односите меѓу Тајван и Кина, состојбата со етничкото малцинство на Ујгурите во Кина, позициите на Кина за војната во Украина и др.

Сето ова наметнува потреба од поблиска и подетална анализа на тоа какво влијание има Кина во земјава, преку известувањето на медиумите и кои се главните извори на информациите за Кина кои ги користат медиумите во Македонија. Теоријата за т.н. „мека моќ“ има сѐ позабележително место во современите анализи за тоа како главните геополитички актери ја креираат својата моќ и влијание на глобален план, така што ова истражување цели кон тоа да даде појасна слика за рефлексиите на кинеското влијание во земјава и начините како тоа се реализира.

Кога се анализира медиумско-информативниот простор на С. Македонија и поширокиот регион на Западен Балкан, Кина позабележително се појавува како геополитички фактор пред и непосредно по олимписките игри во Пекинг 2008 година. Големите инфраструктурни проекти за овие игри, иновативните градби и спортски објекти имаа позитивно влијание во С. Македонија во однос на имиџот на Кина. Исто така, со почетокот на глобалната инфраструктурна стратегија на кинеската влада „Појас и пат (ПиП)“ во 2013 година, се засили перцепцијата за Кина како можен претендент и конкурент на водечките светски сили. Овие клучни процеси, како и иницијативата „17+1“ за соработка на Кина со Централна и Источна Европа, го зголеми интересот на целиот регион на Западен Балкан, кој со својата геостратешка позиција на „порта кон ЕУ“ гледаше нови можности за меѓународна соработка и општествен развој.

Присуството на Кина во регионот се интензивираше во изминатата деценија, а балканските земји ѝ се приклучија на Кина во платформата за соработка во 2012 година. Резултатите од соработката се покажа сосема различни во одделни земји –  додека Србија воспостави цврсти врски со Кина, албанските лидери покажаа голем скептицизам во однос на економските придобивки за нивната земја. Позициите на другите земји се некаде меѓу овие две крајности.

Од достапните анализи и истражувања може да се заклучи дека Кина, следејќи ги своите интереси, ги зголеми инвестициите во инфраструктура, особено во транспортот и енергетиката, што придонесе за зголемена билатерална трговија со земјите од регионот. Иако Кина им понуди поволни можности за финансирање, недоволната транспарентност на директните инвестиции отвори простор за влијание врз политичките елити во регионот. Еден од главните наративи на кинеските политички и економски претставници во овој период беше дека Кина не сака да го дестабилизира регионот, туку да обезбеди долгорочно присуство и позитивно влијание врз развојот на земјите од регионот. Иако декларативно ја поддржува евроинтеграцијата на Западен Балкан, анализите покажуваат дека кинеското присуство има негативно влијание, бидејќи некои влади имаат тенденција да ги заобиколуваат вредностите, правилата и процедурите на ЕУ за да ја олеснат соработката со кинеските партнери .

Паралелно со зголеменото економско присуство, Кина настојува да биде присутна и сè повлијателна преку таканаречената „мека моќ“, односно преку зголемено присуство во културата, медиумите, социјалните мрежи и др. Слободата на медиумите, според експертите, (сè уште) не е загрозена, но кинеската пропаганда е во пораст во целиот регион. Во сферата на медиумите, Кина користи различни стратегии за да влијае врз наративите – преку присуството на кинеските државни медиуми, до соработка со локалните / домашните медиуми и новинари. 

Аналитичарите, исто така, сметаат дека сè поголемото економско и „меко“ присуство на Кина во земјите од Западен Балкан, неминовно води кон нејзино зголемено политичко влијание, а притоа, многу малку е веројатно дека Кина ќе се фокусира на поттикнување на плурализмот, демократијата, пазарната економија, како и слободата на изразување, почитувањето на човековите права и др.  Анализите истакнуваат дека Кина се прилагодува во спроведувањето на својата стратегија за мека моќ, сè почесто применувајќи методи слични на оние на ЕУ и САД. Првичните цели на Кина да работи со владини институции постапно се проширува и на други општествени сектори, како универзитети, истражувачки институти, тинк-тенк организации, стопански комори, и други.

Ова истражување има за цел одблизу да ги анализира информациите за Кина кои се објавуваат во домашните медиуми, нивната фреквенција, обем, главни тематски области, најчестите извори на информации и медиумски содржини за Кина, како и клучните наративи кои се присутни во медиумските објави и секако, евентуалното присуство на дезинформации.

Главен предмет на ова истражување е известувањето на медиумите од С. Македонија за Кина во сите релевантни области кои медиумите ги покриваат, вклучувајќи ги дипломатијата, политиката, економијата, културата, како и други релевантни теми кои се регистрирани во периодот на анализата.

Во истражувањето беа применети методите на содржинска анализа на тематски ексцерпирани содржини според индикатори во форма на клучни зборови и тематика. Во анализата беше вклучена квалитативна и квантитативна анализа, како и статистичка обработка на добиените податоци. Истражувањето, исто така, се потпира на анализа на главните наративи и на дискурзивната рамка во истражувачкиот материјал, кој поблиску анализира како се известува за одредени теми и како се креира пропагандна реторика во овие програми. Ексцерпираниот материјал вклучи различни новинарски формати како што се вести, анализи, репортажи, новинарски истражувања и колумни кои се однесуваат на Кина. Истражувачкиот материјал беше ексцерпиран преку идентификување на објавите за Кина во медиумите регистрирани во јавниот онлајн домен на македонски јазик, со користење на јавно достапни софтверски алатки, како што се агрегатори за вести, програми за пребарување на содржини на интернет-страниците и апликациите на домашните медиуми, како и други достапни алатки за пребарување.

Во рамки на истражувањето беше реализирано и теренско истражување преку длабински експертски интервјуа со специјалисти, истражувачи, новинари, кои имаат компетенции да зборуваат за присутноста и влијанието на Кина, нивното (ин)директно искуство со кинески ентитети и други поврзани теми, како и фокус групи со граѓани, претставници од граѓански организации и новинари кои известуваат за меѓународни теми.

КЛУЧНИ НАОДИ

Од мониторингот на известувањето и присуството на Кина во македонските медиуми, можеме да ги издвоиме следниве наоди:

  • Присуството на Кина во вестите на домашните медиуми  не е постојано, но содржините кои се објавуваат главно се  позитивни и некритички.  Исклучок од ова правило се вестите кои домашните медиуми ги пренесуваат од западните медиуми во кои има критички ставови кон Кина.
  • Кина во македонскиот информативен простор најчесто е присутна во темите за политиката и економијата, особено во релација со САД, Русија и ЕУ.
  • Неколку  медиуми најчесто дистрибуираат позитивни и некритички содржини за Кина. Медиумите кои најчесто пренесуваат актуелни информации за Кина, во повеќето случаи известуваат со неутрален тон, но регистрирани се и сугестивни наслови, поднаслови и коментари.
  • Амбасадорот на Народна Република Кина во Северна Македонија, во периодот на мониторингот, беше присутен во дел од домашните медиуми (Фактор, Антропол) со свои колумни, во кои најмногу се фокусираше на промоцијата на економските достигнувања на Кина.
  • Прилозите на тема, економија и Кина, се претежно позитивни. Во нив се објавуваат информации за забрзаниот економски раст на Кина, инвестициите на оваа земја во другите држави во светот, новиот пат на свилата, кинеската иновативна технологија и др.
  • Вестите во кои се наведени кинески извори, претежно се некритички и во најголем број случаи, не се споредени со информации од други извори (на пример, „Амбасадорот на Народна Република Кина во С. Македонија ги отфрли лагите на Западот за кинеската економска соработка“, „Параноја во Пентагон за кинеската технологија“ и др.).
  • Најголем број од изворите на информации за Кина се странски новински агенции, како и домашната информативна агенција МИА.
  • Најкористени кинески извори на информации се државната кинеска агенција Ксинхуа, Чајна Дејли и мрежата CCTV, Глобал Тајмс (Кина), а редовно е присутна и руската агенција ТАСС. Присуството на десничарски западни медиуми (Фондацијата Херитиџ, Фокс Њуз, итн.) беше регистрирано во извештаите кои ја прикажуваат Кина со позитивен тон.
  • Повеќето од објавите за Кина се непотпишани. Во анализираниот материјал многу мал број содржини се авторски текстови на домашни новинари, аналитичари, експерти. Регистрирани се неколку јавни личности кои објавуваа прокинески содржини. Нивните позитивни ставови за Кина беа објавувани во форма на колумни или пренесени содржини од нивните социјални мрежи.
  • Од тематски аспект, често беа присутни прилози поврзани со тензиите во автомобилската индустрија на релација ЕУ – Кина, и работата на Тик Ток во САД и ЕУ. Во вестите периодично се појавуваа информации за позитивните односи и соработката меѓу Србија и Кина. Спорадично, домашните медиуми известуваа и за економските инвестиции и влијание на Кина во африканските земји. Во анализираните објави беа регистрирани и вести со позитивен тон кон одредени специфики на општественото уредување на Кина во контраст со западните демократии (на пример, „Кина вака се справува со корупцијата!“ и др.).

Во однос на карактеристиките на медиумското известување за Кина, утврдени во рамки на други релевантни истражувања, мониторингот ги потврди следниве наоди:

  • Кина не продуцира дезинформации, но нејзиното геополитичко позиционирање преку „меката моќ“ има потенцијал да стане извор на дезинформации и креатор на анти-западни наративи и влијанија.
  • Во медиумите преовладуваат информации за кинеските инвестиции и за економската соработка на С. Македонија со Кина.
  • Некои домашни медиуми имаат тенденција да објавуваат повеќе вести и информации за Кина, но преку овој мониторинг не може да се утврди дали постои директно кинеско влијание, во форма на финансирање или преку сопственичката структура.
  • Досега нема контроверзи поврзани со активностите на Институтот Конфуциј во државава, за разлика од други земји во Западна и Централна Европа.
  • Најголемиот дел од промотивните содржини за Кина ги сугерира Амбасадата на Кина преку нејзините релации со некои домашни медиуми, вклучително Мaкедонската информативна агенција (МИА), националниот радиодифузен сервис (МРТ), Нова Македонија, ТВ Телма.

Клучни наоди од фокус групите со граѓани:

  • Учесниците истакнаа дека македонските медиуми треба да посветат повеќе внимание на известувањето за Кина и другите глобални сили, поради нивното значајно влијание врз Балканот.
  • Забележано е дека македонските медиуми ретко известуваат за светските настани, што создава празнина во информирањето на јавноста.
  • Некои учесници предложија С. Македонија да ја зајакне економската соработка со Кина, користејќи го како пример, брзиот економски раст на оваа земја.
  • Според учесниците, повеќе информации за Кина би помогнале да се зголеми разбирањето за нејзината глобална улога и потенцијалната соработка со С. Македонија.
  • Домашните медиуми повеќе се фокусираат на негативни теми, како пандемијата и политичките конфликти, отколку на технолошките и економските достигнувања на Кина.
  • Зголеменото присуство на информации за Кина во медиумите би помогнало да се подобри перцепцијата за земјата во С. Македонија, како и да се поттикне поголема соработка во сферата на технологијата, економијата и образованието.

Клучни наоди од фокус групите со претставници од граѓанското општество и медиумски работници

  • Кина продолжува да има значајно економско влијание во С. Македонија, особено преку инфраструктурни проекти и социјалните мрежи.
  • Македонската јавност формира став за Кина главно преку економското влијание, а не преку директно политичко ангажирање.
  • Фокус групите изразија скептицизам во однос на БРИКС како реална алтернатива за С. Македонија, особено поради длабоките економски врски со Европската Унија.
  • Пропагандата која го промовира БРИКС доаѓа главно од Србија, Унгарија и проруски фракции во Македонија, но таа не се темели на реални економски факти.
  • Разбирањето за БРИКС во македонската јавност е ограничено, а голем дел од поддршката е резултат на дезинформации и нереални очекувања.
  • Потенцијалното приближување на Турција кон БРИКС може, во иднина, да ја зголеми важноста на ова прашање во С. Македонија.
  • Засега, С. Македонија останува цврсто поврзана со Европската Унија, а БРИКС се користи повеќе како реторичка алатка отколку како практична алтернатива.

Клучни наоди од интервјуата со домашни  специјалисти  за Кина

  • Медиумското покривање на Кина во С. Македонија е ограничено, со значително влијание од западните наративи.
  • Македонските медиуми најчесто користат западни извори на известување за Кина, што резултира со претежно неутрален или критички тон.
  • Теми како кинеските инфраструктурни проекти и иницијативите на БРИКС се покриваат со скептицизам, особено во однос на корупцијата и геополитичките односи.
  • Позитивни перспективи за Кина постојат, но се ретки и обично се поврзани со идејата за мултиполарен свет каде што Кина и Русија играат поголема улога.
  • Општата слика на Кина во македонските медиуми е површна, со недоволно истражување и анализа за нејзината глобална улога.
  • Присуството на Кина во С. Македонија преку културна дипломатија и социјални мрежи е незначително, а интересот на јавноста за Кина е релативно мал.
  • Иако има интерес за политички алтернативи како БРИКС, Северна Македонија сè уште е силно ориентирана кон Западот

Прочитајте го целосниот текст на истражувањето Кина во македонските медиуми: Анализа на наративи и влијание.

Претходен напис

Мода со повисока свест: Памук или Синтетика – Што е по еколошко?

Следен напис

Промоција на анализата „Кина во македонските медиуми: наративи и влијание“

Поврзани Написи

Активности

Промоција на анализата „Кина во македонските медиуми: наративи и влијание“

18/09/2025
Во фокус

Мода со повисока свест: Што навистина носиме на себе?

10/09/2025
Во фокус

Зборувај. Дејствувај. Активирај се! POLITEIA 2025 – Регионално училиште за млади луѓе кои прават разлика!

02/07/2025
Во фокус

Повикот за учество во регионалната програма за практикантска работа за 2025 е отворен!

25/06/2025
Во фокус

Повикот за предлози за Фондот за активни достигнувања за регионални неформални групи е отворен!

18/06/2025
Во фокус

Трета регионална лабораторија за млади, медиумска писменост и дигитализација

23/05/2025
Следен напис

Промоција на анализата „Кина во македонските медиуми: наративи и влијание“

Оваа интернет страница е редизајнирана со финансиска поддршка од Европската Унија. Содржините се единствена одговорност на НВО Инфоцентарот и не ги одразуваат ставовите на Европската Унија.

КАТЕГОРИИ

Menu
  • Во фокус
  • Активности
  • Анализи
  • Мониторинг на Медиуми

ЗА НАС

Menu
  • За нас
  • Политика за приватност
  • Контакт
No Result
View All Result
  • Дома
  • За нас
    • Политика за приватност
    • Организациски документи
  • Активности
  • Проекти
  • Анализи
  • Мониторинг на Медиуми
  • English

© 2022 НВО Инфоцентар™, Powered by Wordpress. Дизајнирано од eXpressive graphics.

Оваа веб-страница користи колачиња кои помагаат на веб-страницата да функционира и исто така да следи како комуницирате со нашата веб-страница. За да го обезбедиме најдоброто корисничко искуство, изберете „Се согласувам“, или само за најнеопходните колачиња "Не се согласувам". Прочитај повеќе на линкот до Политиката за приватност.