Во пресрет и за време на локалните избори 2025 година (септември–октомври), Форумот за граѓански дијалог (ФГД), мрежа на граѓански организации координирана од НВО Инфоцентар, спроведе консултативен процес за одредување на граѓански приоритети за приодот 2026-2029. Консултативниот граѓански процес опфати шест општини: Крива Паланка, Штип, Свети Николе, Крушево, Демир Хисар и Струга и во него беа вклучени над 600 граѓани.
За потребите на овој процес беа реализирани серија неформални средби со различни групи граѓани, шест јавни консултативни средби со граѓаните (по една во секоја општина), како и шест јавни трибини (по една во секоја од општините) на кои граѓаните директно разговараа со кандидатите за градоначалници и носители на советнички листи.
Активни членки на ФГД се: НВО Инфоцентар, Гласен Текстилец – Штип, Младински културен центар – Битола, РЦС Спектар – Крива Паланка, Граѓанска иницијатива на жени – Свети Николе и Центарот на заедницата на Општина Струга.
Сите активности во рамки на консултативниот процес беа насочени кон три клучни цели:
- Идентификување на најважните локални приоритети според граѓаните;
- Поттикнување на директен и транспарентен дијалог меѓу граѓаните и кандидатите за локална власт;
- Зголемување на веројатноста овие приоритети да бидат интегрирани во програмите и работата на новоизбраните власти.
Средбите опфатија различни групи граѓани – жени од селски средини, млади, постари лица, локални бизниси, припадници на ранливи категории и локални граѓански актвисти. Овој пристап овозможи граѓаните да ги артикулираат проблемите од своето секојдневие: од инфраструктурни предизвици, преку јавни услуги и сообраќај, до прашања поврзани со локалниот развој, квалитетот на живот и поддршката за младите, жените и ранливите категории.
Паралелно, јавните консултативни средби го зацврстија процесот на заедничко разгледување и рангирање на предлозите. Во сите општини доминираа исти или слични потреби: обезбедување чиста вода за пиење, канализација и пречистителни станици; одржливо управување со отпадот; реконструкција на локалната патна инфраструктура, регулирање на сообраќајот и паркинзите; унапредување или воспоставување јавен превоз; подобрување на образовната и спортската инфраструктур; отворање функционални младински центри и др.. Разликите по општини произлегуваат од локалните специфики, на пример, туризмот во Крушево и др.
Главниот дел од процесот беше затворен со шест јавни трибини, на кои кандидатите за градоначалници ги слушнаа приоритетите утврдени од граѓаните и дадоа свои ставови, предлози и ветувања. Поголемиот број кандидати во секоја општина учествуваа активно, а граѓаните ги искористија трибините да добијат конкретни одговори и објаснувања за изводливоста на предложените приоритети и потреби. Повеќето кандидати изразија подготвеност да ги поддржат граѓанските приоритети, со напомена дека дел од нив ќе зависат од финансиските и административните можности на општините.
Овој извештај ги презентира утврдените приоритети, динамиката на локалните разговори и ставовите на кандидатите, но и ја документира важноста за континуиран, структуриран и инклузивен дијалог меѓу граѓаните и локалната власт, како предуслов за транспарентно, одговорно, ефикасно и партиципативно локално управување.
Прочитајте го извештајот Форум за граѓански дијалог и Локалните избори 2025: Граѓански приоритети – резултати од консултативниот процес.
Консултативниот процес на Форумот за граѓански дијалог се реализираше во рамки на проектот: „Активни граѓани и партиципативна демократија на локално ниво“, поддржан од меѓународниот центар „Улоф Палме“ од Шведска.














