Центарот на Заедницата на Општина Струга, како дел од Форумот за граѓански дијалог, како продолжение на неколку претходни активности, на 2 октомври 2025 година, одржа консултативна средба за локалните граѓански приоритети.
На настанот присуствуваа околу 20 учесници (од кои 8 мажи и 12 жени), меѓу нив претставници на граѓански организации, млади лица, пензионери и граѓани од различни професии и етнички заедници (Албанци, Македонци, Турци).
Во рамките на дискусијата беа истакнати следните теми и потреби:
- Инфраструктура: реконструкција на патот од Ветеринарна до Струга, изградба на алтернативни патишта кон селата Ливада и Делогожди, реконструкција и осветлување на стариот пат Струга–Охрид, како и санација на улиците Јуро Салај и Димитар Влахов.
- Паркинг и урбанизам: изградба на катни гаражи во близина на градскиот пазар и спортската сала „Тим“, како и потреба од нов урбанистички план.
- Јавни услуги: нов водоводен систем и замена на азбестната мрежа, подобрување на јавниот превоз, редовен возен ред и контрола на превозниците.
- Животна средина: решавање на проблемот со депонијата преку дислокација, зголемување на еколошката свест и воспоставување систем за рециклирање и контрола на отпадните води.
- Мобилност: развивање и уредување на велосипедски патеки низ градот.
- Буџет и транспарентност: подобрување на пристапот на граѓаните до буџетските процеси, зголемена соработка на советниците со граѓаните и вклучување на младите преку младински собранија.
- Култура и спорт: потреба од реконструкција и поголема поддршка за културни настани и спортски објекти.
- Образование и социјална заштита: проширување на капацитетите на градинките, поттикнување на занаети и поедноставување на процедурите за поддршка на ранливи категории.
- Родова еднаквост: активирање на комисијата за еднакви можности при Советот на Општината.
На крајот од средбата, учесниците имаа можност да гласаат и ги рангираат приоритетите според дадената методологија. Според резултатите, највисоко беа оценети следните приоритети:
- Решавање на проблемот со депонијата (дислокација и/или редовно одржување и надзор); Овој проблем станува се позагрижувачки во последните години, бидејќи депонијата се наоѓа во непосредна средина на градот, и истата покрај ветувања за оддржување често се пали (проблем што периодично се појавува) и во изминатите 3 месеци предизвика реакции од страна на граѓаните.
- Обновување на водоводната мрежа и долгорочно решавање на проблемот со водата за пиење; Покрај делумна реконструкција на мрежата, граѓаните се соочуваат со проблемот на загадена вода или недостаток на водата за пиење. Потребно е наоѓање на долготрајно решение за овој проблем.
- Улично осветлување во текот на целата година; Посебно се појави како проблем во последната година, кога уличното осветлување според дискусијата со граѓаните во голема мера недостасуваше, речиси во секоја улица/населба беше надвор од функција. што прилично влијае и врз безбедноста и слободното движење на граѓаните во вечерните часови. Токму поради тоа, и покрај многуте проблеми во градот, на јавната консултација граѓаните решија уличното осветлување да биде еден од највисоко рангираните приоритети.
- Отворање на центар за лица со посебни потреби- Покрај неформалните иницијативи, граѓаните сметаат дека овој проблем е потребно институционално да се решава преку поголема поддршка од општината.
Консултативната средба ја организираше Центарот на Заедницата на Општина Струга, подржана од НВО Инфоцентар, во рамки на проектот „Активни граѓани и партиципативна демократија на локално ниво“, финансиран од Меѓународниот центар Улоф Палме од Шведска.







