МОНИТОРИНГ НА РЕАЛИЗАЦИЈАТА НА ГРАЃАНСКИТЕ ПРИОРИТЕТИ: ПРВ ПЕРИОДИЧЕН ИЗВЕШТАЈ ЗА 2026
НВО Инфоцентарот и Форумот за граѓански дијалог го објавија првиот периодичен извештај од мониторингот на реализацијата на граѓанските приоритети во шест општини – Струга, Крива Паланка, Штип, Демир Хисар, Крушево и Свети Николе. Мониторингот ја анализира реализацијата на обврските што локалните власти ги презедоа со меморандумите потпишани со граѓанските организации по локалните избори во 2025 година.

Наодите покажуваат дека во повеќето општини има започнати активности и одреден напредок во исполнувањето на дел од граѓанските приоритети, особено во инфраструктурата, дигитализацијата на услугите и подобрувањето на комуналните услуги. Сепак, реализацијата е нерамномерна, а најсложените проблеми – како управувањето со отпадот, водоснабдувањето, урбанистичкиот развој и сообраќајот – остануваат нерешени или се реализираат побавно од очекувањата на граѓаните.
Во Струга се забележува подобрување на уличното осветлување, реконструкција на водоводната мрежа и унапредување на услугите за лицата со попреченост. Сепак, депонијата останува најголемиот локален проблем, додека граѓаните бараат поголема транспарентност и вистинско учество во донесувањето одлуки.
Крива Паланка бележи најголем напредок кај проектите за кои веќе се обезбедени финансиски средства и техничка документација, како што се подобрувањето на водоснабдувањето, колекторскиот систем и паркинг-просторот. Но, административните процедури и зависноста од централните институции го забавуваат спроведувањето на дел од капиталните инвестиции.
Во Штип се забележуваат институционални иницијативи за реализација на дел од приоритетите, особено во јавниот превоз и поддршката за лицата со попреченост. Сепак, граѓаните оценуваат дека конкретните резултати сè уште не се доволно видливи и бараат повеќе информации, јасни рокови и поголема отчетност за преземените обврски.
Демир Хисар покажува највидлив напредок во дигитализацијата на општинските услуги, локалната инфраструктура и младинските политики. Иако се преземени бројни активности, мониторингот укажува дека граѓаните, особено младите, не се доволно информирани за нивната реализација и очекуваат поактивно да бидат вклучени во локалните процеси.
Во Крушево се реализираат повеќе инфраструктурни проекти, воведени се паметни водомери и се преземаат активности за развој на индустриската зона и младинските политики. Општината е позитивно оценета за транспарентноста и редовната комуникација со граѓаните, но дел од приоритетите и натаму зависат од административни процедури и пошироки институционални процеси.
Најголем јаз меѓу институционалната и граѓанската перцепција е забележан во Свети Николе. Додека општината известува за бројни започнати активности, граѓаните сметаат дека клучните проблеми – замената на азбестните водоводни цевки, депонијата, недостигот од паркинг места и сообраќајниот режим – сè уште не се решаваат со потребната динамика. Дополнително, жителите на руралните средини и понатаму се соочуваат со сериозни недостатоци во основните комунални услуги.
Мониторингот покажува дека локалните самоуправи во најголем дел ги започнале активностите за исполнување на преземените обврски, но граѓаните напредокот не го оценуваат според бројот на започнати проекти, туку според нивното конкретно влијание врз квалитетот на живот. Заеднички предизвици за речиси сите општини остануваат поголемата транспарентност, навременото информирање, суштинското учество на граѓаните во донесувањето одлуки и поефикасната реализација на приоритетите што тие самите ги утврдија.
Прочитајте го целосниот извештај https://nvoinfocentar.mk/wp-content/uploads/2026/07/MKD_Izvestaj-1_prioriteti_2026.pdf.






Форумот за граѓански дијалог (ФГД) е мрежа на граѓански организации координирана од НВО Инфоцентар. Активни членки на мрежата се: Гласен Текстилец – Штип, Младински културен центар – Битола, РЦС Спектар – Крива Паланка, Граѓанска иницијатива на жени – Свети Николе и Центарот на заедницата на Општина Струга. Консултативниот процес на Форумот за граѓански дијалог се реализираше во рамки на проектот: „Активни граѓани и партиципативна демократија на локално ниво“, поддржан од меѓународниот центар „Улоф Палме“ од Шведска.






