НВО Инфоцентарот, со партнерските организации Спектар од Крива Паланка, Граѓанска иницијата на жени од Свети Николе, Организација на жени од Струмица и Активо од Велес, спроведе мониторинг на субвенциите што општините им ги доделуваат на граѓаните, во периодот 2020 – 2023 (до мај) година.
Мониторингот опфати шест општини: Куманово, Велес, Струмица, Крива Паланка, Свети Николе и Лозово.
Едновремено, во периодот, од 12 до 19 септември, спроведовме анонимна „онлајн“ анкети за граѓаните од општините вклучени во мониторингот, за да ги сондираме нивните перцепции за доделувањето субвенции во општините во кои живеат.
Повеќето од мониторираните општини, многу малку или воопшто не водат детална демографска и родова статистика при доделувањето на субвенциите. Нема јасна слика за тоа каков профил на граѓани се најзаинтересирани за субвенциите, дали станува збор повеќе за мажи или жени, за помлади или постари граѓани, во кои делови на општините интересот за субвенции е најголем и др.
Најчести видови субвенции кои се доделуваат се оние за велосипеди, инвертери, сончеви колектори, потоа за приклучоци за гасификациска мрежа, за уредување дворни места, за комунални услуги и кирија за социјално ранливи категории граѓани. Некои општините доделуваат субвенции за јавен превоз за определени категории граѓани, но и за сите граѓани, како на пример, во Куманово. Некои општини, пак, како Крива Паланка, најголемиот дел од субвенциите ги наменуваат за поддршка и стимулација на младите луѓе, особено за студентите и невработените.
Субвенциите се предвидени во годишните програми на општините и тоа најчесто во програмите за животна средина, социјална заштита, образование и за млади. Најголемиот дел од општините не дадоа објаснување врз основа на што одлучуваат каков вид субвенции ќе им доделуваат на граѓаните во своите општини.
Општините многу малку или воопшто не ги анализираат резултатите и ефектите од политиката на субвенционирање. Ова пак, наведува на констатација дека станува збор за краткорочни мерки за поддршка, за кои е тешко да се утврди дали ја постигнуваат својата цел.
Во онлајн анкетата учествуваа вкупно 1.325 граѓани (Куманово 344, Велес 290, Струмица 247, Свети Николе 226, Крива Паланка 193, Лозово 25).
Повеќе од половина анкетирани граѓани (над 60%) не знаат какви субвенции доделуваат општините. Речиси половина од анкетираните (47%) не знаат дали досегашните субвенции одговараат на приоритетите на граѓаните, а само 12% сметаат дека субвенциите се соодветни на потребите на граѓаните. На 55% од граѓаните кои учествуваа во анкетата не им е познато на кој начин општината одлучува какви субвенции ќе доделува, додека високи 90% одговорија дека не користеле субвенции од општината во последните три години.
Прочитајте го целосниот извештај од Мониторингот – Општините и субвенциите за граѓаните.
Мониторингот се реализира во рамки на проектот „Активни граѓани и партиципативна демократија на локално ниво“, финансиски поддржан од меѓународниот центар Улоф Палме од Шведска.
Детален преглед на наодите по општини: