106386404_781167832624393_1836655930414449579_o

Вебинар: Потребна е проценка на ефектите од државната помош за медиумите

на јул 10, 20 • од

НВО Инфоцентарот, Транспарентност Македонија и ЗНМ, на 1 јули 2020 година, одржаа вебинар на кој се зборуваше пред се за владините политики во контекст на здравствената криза и дали тие навистина им помагаат во работата на медиумите или пак, преставуваат извор на корупција...
Pin It

Home » Активности, Важни » Вебинар: Потребна е проценка на ефектите од државната помош за медиумите

НВО Инфоцентарот, Транспарентност Македонија и Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), на 1 јули 2020 година, одржаа вебинар на кој се зборуваше пред се за владините политики во контекст на здравствената криза и дали тие навистина им помагаат во работата на медиумите, новинарите и медиумските работници или пак, преставуваат извор за корупција, кој дополнително предизвикува штета во медиумскиот сектор.

На овој настан, во воведната сесија свои излагања имаа: Младен Чадиковски, претседател на ЗНМ, Дамјан Манчевски, министер за информатичко општество и администрација, Ѕвездан Георгиевски, в.д. претседател на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ), како и Мирче Адамчевски, претседател на Комисијата за жалби при Советот за етика во медиумите во Македонија (СЕММ). Останатите учесници кои дадоа придонес во дебатата што следеше беа претставници на граѓански, професионални и медиумски организации, новинари кои ги следат медиумските политики, медиумски експерти со долгогодишно искуство во секторот, како и еден член на советот на медиумскиот регулатор во државава.

На првата тема насловена како „Што направи Владата за медиумите и за слободата на изразување – помош или корупција?“, Чадиковски истакна дека иако, генерално има подобрување во медиумскиот сектор особено од аспект на притисоци кон новинарите и медиумските работници (нешто што е нотирано и во меѓународните извештаи за слободата на изразување и независноста на медиумите), сепак, основните проблеми останаа и тие посебно станаа видливи за време на вонредната состојба. Медиумите и натаму се обидуваат да егзистираат на мал медиумски пазар, на кој партиите и бизнис центрите на моќ лесно можат да влијаат. Спроведувањето на законите во делот на МРТ и регулаторот и по три години, е во застој, а економската сигурност на новинарите и на медиумските работници воопшто е слаба. Сето тоа секако се рефлектира врз генерално сиромашната понуда на содржини од страна на повеќето медиуми.

„Прво секаков тип на хоризонтално неселективно ослободување од давачки за сите медиуми, непарична помош, е во ред и може да помогне во надминување на состојбите. Директни пари во медиумите – не. Второ, креирање на своевиден канал преку кој може да се помогне во креирање на програма од јавен интерес; документарна програма, играна програма, истражувачки стории, се она што може директно да го помогне новинарството и кревањето на квалитетот на новинарството – да. Во вакви услови, никогаш не сме биле против своевидна помош што ќе помогне не за преживување на медиумите, туку за кревање на новинарстрвото“, исткна Чадиковски.

MancevskiМинистерот Манчевски се осврна на тоа што направија МИОА и техничката Влада за медиумите за време на вонредната состојба. Според него, Владата преку донесените уредби се обидела да им помогне на медиумите, како еден од секторите кој е најпогоден од економската криза предизвикана од пандемијата. Иако, можеби дел од овие мерки биле избрзани или донесени без доволно консултации, Манчевски смета дека амбиентот во кој биле донесени, како и потребата за што побрзо постигнување ефекти односно минимизирање на последиците, наложувал брзи интервенции. Сепак, констатира Манчевски, крајните резултати од овие мерки ќе се мерат дополнително. Еден од индикаторите кои ќе се земе предвид ќе биде и тоа колку новинари ја изгубиле работата или биле отпуштени, затоа што, целта на овие економски мерки пред се е да им овозможат на медиумите да продолжат да работат без притоа да мора да го намалат својот кадар.

„Притисокот не е сега од страна на Владата кон медиумите и кабелските оператори, туку обратно, иако, донесовме мерки со кои се помагаат, и едните и другите, и редица други мерки кои не беа од финансиски аспект, но реално ја помагаат нивната работа. Ние се уште сме, сега веројатно поради изборите, под голем притисок, и од едните и од другите… Се уште сум оптимист и верувам во ЗНМ, СЕММ, ССНМ кои што и кога беше многу потешко беа гласот на разумот, и ако сега се гласни и обединети како што тоа вообичаено го прават, ќе имаме резултати“, истакна Манчевски

Во контекст на изборот на новите кандидати за Советот при АВМУ и Програмскиот совет во МРТ, тој рече дека во моментов не е познато дали ќе се прави избор врз основа на веќе пријавените кандидати во февруари 2019 година или пак, новото Собрание ќе објави нов повик на кој повторно ќе се пријавуваат потенцијалните кандидати.

Zvezdan GeorgievskiНа втората тема насловена како „Оценка за работничките права на новинарите и на медиумските работници“ говореше Ѕвездан Георгиевски, в.д. претседател на ССНМ. Тој претстави дел од резултатите од најновата анкета за економската состојба во која се наоѓаат новинарите и медиумските работници. Георгиевски истакна дека од настанатата криза најмногу страдаат новинарите, а со тоа и граѓаните во поглед на квалитетот на информирањето. Затоа според него, мерките на Владата треба да му помогнат на професионалното новинарство, на новинарите и на медиумските работници, а не таа помош да биде насочена само кон финансирање на медиумите.

„Среќни сме што овозможивме преку мерките на Владата да обезбедиме 100% плаќање на придонесите, односно на пензиското и социјалното осигурување на новинарите и медиумските работници во медиумите во период од три месеци и тоа само за медиуми кои не отпуштиле новинари или не им ги намалиле платите односно оние кои ги намалиле да имаат простор да ги коригираат на ниво кое го имале пред кризата ако сакаат да ја користат оваа мерка“, истакна Георгиевски и додаде: „Компромисот кој го направивме кај онлајн медиумите е тие да имаат најмалку тројца вработени со цел да можат да ја користат оваа мерка, но тоа што мене ми е нејасно е како Владата успеа да ја реализира оваа мерка во услови кога немала планирано ниту предвидено во буџет, а не можела да го направи тоа во нормални услови?“

На последната тема во работниот дел насловена како „Дали и колку се почитуваа професионалните и етичките стандарди во известувањето?“, претседателот на Комисијата за жалби при СЕММ, Мирче Адамчевски даде осврт на работата на телото за медиумска саморегулација во услови на кризата предизвикана од КОВИД – 19. Тој укажа на фактот дека Советот има зголемен обем на работа во последните недели, не само заради кризата, туку и заради предизборниот период во кој дел од медиумите известуваат на начин кој се коси со Етичкиот кодекс.

„Врз основа на жалителите кои поднесуваат претставки до нас, се преземаат текстови од медиуми здраво за готово, а обичниот читател се доведува во заблуда. Иако имаме и случаи каде во самиот текст има видео кое ја побива првичната информација од истиот текст“, рече Адамчевски и посочи повеќе примери од локалните медиуми кои не само што биле непрофесионални, туку имало и примери на злоупотреба на слободата на изразување. Токму затоа, според Адамчевски потребно е да се поддржи медиумската саморегулација и СЕММ како концепт кој врз основа на вклучувањето на граѓаните ќе ги открива овие содржини.

Во вториот дел следеше дебата која ја модерираше Драган Секуловски, директор на ЗНМ. Како дел од сумарните заклучоци релевантни за темата на овој настан може да се издвојат следните:

- Професионалните медиумски и новинарски организации ќе продолжат да дејствуваат заедно во насока на креирање политики за целосно спроведување на закочените медиумски реформи, пред се во делот на МРТ и Агенцијата за медиуми. Веднаш после одржувањето на предвремените парламентарни избори ќе му пристапат и на новот парламентарен состав.

- Од новата Влада се очекува да формира референтна листа на приоритети во делот на измени и дополнувања на медиумските закони и евентуалните мерки за економска поддршка на медиумите и новинарите, во соработка со професионалните медиумски и новинарски организации.

- Се очекува проценка на ефектите и резултатите од досегашната поддршка која ја примија медиумите и тоа директно од Владата, преку економските мерки, но и од медиумскиот регулатор, како и од Агенцијата за електронски комуникации. Оваа проценка ќе се однесува на сите видови помош кои ги користеле медиумите, вклучувајќи ги и печатените медиумите кои примаат директни субвенции. Врз основа на резултатите од проценката на ефектите, ќе може да се согледа дали и каде имало коруптивен или клиентелистички пристап.

- МИОА во иднина ќе организира слични консултативни состаноци со претставници од медиумскиот и граѓанскиот сектор, со цел да се подобри транспарентноста и инклузивноста во носењето одлуки кои ги засегаат сите медиумите, новинари, медиумски работници, но и јавноста во целина.

- Медиумската саморегулација е корисен начин да се подобрат етичките стандарди во медиумите и да се одвојат професионалните наспроти непрофесисоналните медиуми. Затоа сите најави на политичките партии за креирање саморегулативно тело во рамки на медиумскиот регулаторот се целосно неприфатливи и опасни.

- Економската сигурност на новинарите и на медиумските работници, врз основа на последните анкети, станува уште полоша во контекст на кризата, а тоа дополнително може да се одрази на и така генерално сиромашната понуда на медиумска содржина. Затоа треба сите чинители да преземат мерки во насока на поддршка на професионалното новинарство, а не само на медиумите.

Оваа активност е во рамки на проектот „Граѓански организации и медиуми против корупцијата – Коалиција за нулта толеранција“, финансиран од Европската Унија преку програмата за поддршка на граѓанскиот сектор и слободата на медиумите 2016 – 2017, спроведуван од Транспарентност Македонија и НВО Инфоцентарот, а во соработка со ЗНМ.

Поврзани написи

Коментарите се затворени.

Scroll to top