1

Презентација на мониторинг извештајот за транспарентноста на општина Теарце

на окт 29, 19 • од

Претставниците на НВО Инфоцентарот и ЦЕД, на 29 октомври, пред градоначалникот на општина Теарце ги презентираа резултатите од мониторингот на транспарентноста на општинските власти спрема граѓаните и на механизмите за вклучување на граѓаните во процесите на креирање и спроведување локални политики...
Pin It

Home » Активности » Презентација на мониторинг извештајот за транспарентноста на општина Теарце

Претставниците на НВО Инфоцентарот и ЦЕД, Билјана Бејкова и Метин Муареми, денеска, на 29 октомври, пред градоначалникот на општина Теарце, Исен Асани и други претставници на општинската администрација, ги презентираа резултатите од мониторингот на транспарентноста на општинските власти спрема граѓаните и на механизмите за вклучување на граѓаните во процесите на креирање и спроведување локални политики.

Набљудувањето беше реализирано во периодот мај – септември 2019 година. Во извештајот се содржани клучните наоди и препораки за локалните власти во насока на унапредување на квалитетот на комуникацијата со граѓаните и нивно активно учество на локално ниво:

• Општина Теарце има интернет-страница која не е техничко дооформена и на која можат да се најдат многу малку документи и информации поврзани со работата на локалната власт. Албанската верзија на страницата е недоработена, додека македонската и англиската верзија не се воопшто во функција и не содржат никакви информации. Интернет-страницата не им овозможува на граѓаните и на другите засегнати страни да добијат детални и сеопфатни информации за работата на општината, но и за теми и прашања од нивен секојдневен интерес. Ваквата интернет-страница не обезбедува висок степен на транспарентност и отчетност на локалната власт.

Потребно е целосно редизајнирање на интернет-страницата (во најкраток рок), која ќе биде функционална подеднакво и на македонски и на албански јазик, и која на граѓаните ќе им овозможи целосен увид во документите и информациите поврзани со работата на локалната власт и администрацијата.

Добро е што општината поточно градоначалникот е присутен на социјалните мрежи односно на Фејсбук, но потребно е да се креира посебна официјална Фејбук-страница на општината, која ќе биде синхронизирана со содржините на интернет-страница како основна информативна платформа на општината.

• Препорачуваме општината да ги зајакне механизмите/ формите за консултирање и вклучување на граѓаните во креирањето и спроведувањето локални политики. Потребно е да се организираат повеќе и поредовни формални средби, трибини, јавни расправи, форуми. Во креирањето на општинскиот буџет, на пример, добро е да се вклучат граѓаните преку буџетски јавни расправи и форуми, кои ќе се организираат неколку месеци пред формалното усвојување на буџетот. На ваков начин општината ќе ги вклучи граѓаните, ќе ги слушне нивните потреби, проблеми, приоритети, барања и дел од нив ќе вклучи во буџетот.

• Препорачуваме општината да определи годишен фонд за поддршка на локалните граѓански организации кој ќе биде јавно објавен. Исто така, општината треба да развие транспарентни и отчетни процедури, критериуми и приоритети за доделување финансиска поддршка.

• Општината и натаму треба да ја продлабочува соработката со граѓанските организации и на тој начин заеднички со граѓанското општество да го поттикнува учеството на граѓаните на локално ниво, заеднички/ партнерски да настапуваат пред донаторите и заеднички да придонесуваат за развојот на локалната заедница.

• Општината го препознава значењето на месните заедници и во таа насока треба да ја засили комуникацијата и соработката со нив. Доколку општината ги поттикне и зајакне месните заедници, тие ќе можат полесно и поуспешно да ги мотивираат и активираат граѓаните.

• Добро е општината да ги зајакне и унапреди механизмите и процедурите за пријавување проблеми од страна на граѓаните, како и за одговор и постапување по пријавите на граѓаните. Препорачуваме општината да се стреми да одговара и постапува по пријавите на граѓаните не подолго од 48 часа.

• Односите со јавноста треба да се зајакнат, како и да се унапредат вештините за комуникација на лицата задолжени за односи со јавноста. Пожелно е во систематизацијата на работните места да бидат определени едно или две лица чија примарна работна задача ќе бидат односите со јавноста. На ваков начин ќе се подобрат и унапредат формите и квалитетот на комуникацијата со граѓаните, новинарите, граѓанските организации и сите други засегнати страни.

Претставниците на локалната власт истакнаа дека ќе ги земат предвид препораките и дека овој извештај ќе им биде претставен и на советниците на Општина Теарце.

Оваа активност е дел од проектот „Активни граѓани и партиципативна демократија на локално ниво“, поддржан од Меѓународниот центар Улоф Палме од Шведска.

Поврзани написи

Коментарите се затворени.

Scroll to top