Poteklotot na imotot zaglaveno megju postojnata regulativa i zakonot vo najava

Потеклото на имотот заглавено меѓу постојната регулатива и законот во најава

на дек 23, 20 • од

Досегашните искуства во светот покажуваат дека не постои еднообразност во пристапот односно во регулирањето на прашањето на потеклото на имотот. Некаде тоа е опфатено со повеќе закони, а во некои држави постојат посебни закони за потеклото на имотот. Сепак, она што е заедничко за повеќето држави вклучително и нашата држава, е тоа дека за да се спречи незаконското богатење, во секој правен систем се воведуваат механизми за контрола и проверка на имотот и приходите...
Pin It

Home » Активности, Важни » Потеклото на имотот заглавено меѓу постојната регулатива и законот во најава

SO-NASLOV-Poteklotot-na-imotot-zaglaveno-megju-postojnata-regulativa-i-zakonot-vo-najava

Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) е единствената институција во Република Северна Македонија која има законска обврска да ја истражува имотната состојба на избраните и именуваните функционери. Во согласност со законот, избраните и именуваните функционери пред да започнат со вршење на функцијата мора да пополнат анкетен лист во кој ќе ја наведат својата вистинска имотна состојба. Доколку ДКСК при проверка на анкетниот лист утврди дека функционерите навеле состојба која не соодветствува со реалната, тогаш може да поведе прекршочна постапка. Честопати избраните и именувани функционери,имотот стекнат за време на мандатот го ставаат на туѓо име, начлен од семејството или пријател, а по завршувањето на мандатот го впишуваат на свое име. Според сегашниот закон, ДКСК нема право да ја следи имотната состојба на избраните и именувани функционери по завршувањето на мандатот и според претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска постои реална потреба од донесување на закон за потекло на имотот, како дополнителна алатка во борбата за спречување на корупцијата.

- „Тоа е најголемиот проблем што сега можеме да го истакнеме. Значи, се врши дисперзија на имотот на некои други блиски роднини во фамилијата, дури и не мора да се блиски како семејство, може да се блиски пријатели. Затоа ние како Комисија сме согласни и едногласни да бараме од новиот парламент да смогне сили или политичка волја, и да донесе Закон за потекло на имотот на сите граѓани. Дури тогаш ќе имаме темелна слика за тоа каде е имотот и кој располага со него. Тоа може да се направи и ќе биде голем чекор напред за сите, за нашата држава. Со новиот закон за спречување на корупција и судир на интереси, ние бевме обврзани да направиме нов образец. Според содржината образецот го дотеравме, го направивме, но електронското решение сѐ уште не е готово“, вели претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска

Владата подготвува компаративна анализа на законите во регионот

Од Министерството за правда информираат дека во моментов во кабинетот на Заменик на претседателот за борба против корупцијата и криминал, одржлив развој и човечки ресурси се подготвува компаративна анализа на законската регулатива во регионот која се однесува на потеклото на имотот.

„По завршувањето на оваа анализа, нашите институции ќе добијат покомплетна слика околу потребата за изготвување на ново законско решение. Потсетуваме дека и новиот Закон за спречување на корупцијата и судир на интереси предвидува постапка за проверка на имотната состојба. Државната комисија за спречување на корупцијата и судир на интереси има законска надлежност и може да поведе постапка за испитување на имотната состојба. Сепак, остануваме отворени за дискусија и по изготвувањето на компаративната анализа со сигурност ќе знаеме дали има потреба од нови законски решенија“, велат во Министерството за правда и додаваат дека во буџетот за 2021 година, се обезбедени средства за софтверот, односно регистарот/ алатката за следење на имотната состојба, како и дека се обезбедени средства за дополнително зајакнување на капацитетите на ДКСК.

Поранешниот антикорупционер, Драган Малиновски смета дека за проверката на потеклото на имотот непостои правна празнина бидејќи со постојните закони е опфатено речиси сѐ.

- На пример, во Законот за спречување на корупција јасно е наведено дека таргет може да бидат службени лица или функционерии дека може да се испитува нивната имотна состојба. Согласно Законот за персонален данок, исто и таму има одредби во кои се вели дека може да се испитува потеклото на имотот ако има индиции за несрезмерно зголемување на имотот кај секој граѓанин, не мора да е функционер, при што со тој закон треба да се утврди фактичката состојба и да се докаже од каде му е приходот и од што е. Се плашам дека со вакви големи идеи некако се оддалечуваме од суштината на она што го имаме како алатка пред себе за користење- нагласува Малиновски.

Со имплементацијата на регулативата, на површина излегуваат некои недостатоци кои може да се ажурираат, да се менуваат или надополнуваат.

-Ние имаме регулатива, меѓутоа имаме проблем со нејзината апликативност поради нејзини технички прашања и наместо да се фокусираме да го овозможиме тоа што го имаме да функционира, па да видиме какво искуство ќе имаме, ние сега го држиме во некаква хибернација, нефункционално, и трагаме кон нешто како парола „потеклото на имот да изгледа страшно“ и ќе заглавиме во некои други крупни проекти кои не можеме да ги направиме- констатира Малиновски.

Без политичка волја и новиот закон ќе остане само на хартија

Од друга страна, поранешната антикорупционерка, Вања Михајлова, истакнува дека испитувањето на потеклото на имотот и конфискацијата на незаконски стекнатиот имот, се почесто е тема на расправа и потреба во регионот.

- Закон за испитување на потеклото на имотот во Македонија е потребен, ако се земе предвид енормното збогатување на одредени лица и сомневањата дека до него е дојдено на незаконски начин. Меѓутоа, доколку не постои политичка волја на власта за негова имплементација и овој закон ќе остане само на хартија.Таков закон доколку се донесе треба да се однесува за сите граѓани кои се стекнале со имот над определен износ, а за што постои сомевање дека ги надминува нивните редовни оданочени приходи. УЈП треба да биде надлежен орган кој ќе го спроведе законот. За да се спроведе оваа сложена операција ќе биде потребно да се формира посебно одделение во УЈП и кадровски да се екипира со компетентен кадар. Во САД и без постоење на посебен закон, даночната служба покренува постапка за испитување на потеклото на имотот на граѓаните-даночни обврзници, а санкциите се драстични доколку се покаже дека имотот е стекнат на незаконски начин – вели Михајлова.

Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, додава таа, содржи јасни одредби за испитување на потеклото на имотот на избраните и именувани функционери, во случај нивниот имот (недвижен и подвижен) да ги надминува нивните редовни приходи.Постапката ја води ДКСК, која со Законот има надлежност да побара податоци и докази од сите надлежни органи, како што се- Катастарот, УЈП, МВР, Централниот регистер и др. Доколку податоците не и бидат доставени во законски определениот рок, ДКСК има надлежност да иницира постапка за одговорност.

Законот, смета Михајлова, треба да се дополни со решенија со кои освен испитување на потеклото на имотот на актуелните функционери и други службени лица, кои вршат одговорни функции(инспектори, цариници, полициски службеници, даночни службеници), ќе се испитува и потеклото на имотот на фунционерите на коиим истекол мандатот пред неколку години (на пример, во последните 10 години). Според неа, често, по истекот на мандатот поранешните функционери располагат со имот од поголеми размери, наспроти нивните редовни приходи.Отвораат бизниси, купуваат луксузни куќи, автомобили, викендици, децата ги школуваат во приватни училишта во кои годишната школарина е неколку илјади евра и др.

- Со измените на Законот, анкетните листови треба да бидат достапни на интернет-страницата на ДКСК, десет години по завршување на мандатот или вработувањето, со цел да се врши споредба со каков имот располагале пред да бидат избрани и именувани на функција и каков имот имаат неколку години по завршување на мандатот – истакнува Михајлова.

Слабостите во примената на Законот, според Михајлова, може да се бараат во недоволната ефикасност на ДКСК, која и после речиси половина мандат не успеа да заврши ниту една постапка за испитување на потеклото на имотот на определен функционер, во недоволната соработка на другите органи со ДКСК во однос на доставување на потребните податоци, но и во отсуството на истражување и обелоденување случаи на незаконско збогатување на лица на високи позиции од страна на новинарите и медиумите.

За искуствата во регионот, Михајлова наведува дека во Србија, е донесен закон за испитување на потеклото на имотот на 29 февруари 2020 година, а стапи на сила на 11 март оваа година. Според Законот, проверката на имотот ја врши посебен оддел во УЈП и тоа за сите лица кои три години по ред имаат разлика над 150.000 евра помеѓу пријавениот и зголемениот имот. Иако законот е донесен, сѐ уште не е започната неговата примена, освен што независните медиуми и невладините организации кои се занимават со спречување на корупција, откриват случаи на енормно зголемување на имотот на одредени функционери и бизнисмени. Во Хрватска, во 2019 година беше подготвен предлог- закон за испитување на потеклото на имотот и одземање на незаконски стекнатиот имот, со кој се предлага да се испита имотот на одредено лице 5 години наназад. Немам податоци дали овој предлог-закон е усвоен. Во Црна Гора, една од партиите од коалицијата која победи на изборите и ја состави новата Влада, уште пред изборите подготви предлог- закон за испитување на потеклото на имотот, кој ќе ги опфати сите лица чиј имот надминува 200.000 евра, без разика дали се функционери или не. Целта на законот, според образложението, е да се испита првенствено имотот на олигарсите во оваа земја. Испитувањето на потеклото на имотот ќе го врши даночната управа. Се очекува овој предлог-закон наскоро да биде усвоен, нагласува Вања Михајлова.

Потребен е закон кој ќе им „дише во врат“ на функционерите

Kako-e-regulirano-potekloto-na-imot-vo-Eropa

И пензионираниот професор по кривично право, Никола Стојановски вели дека многу од нашите соседи веќе имаат ваков закон, а дека тој не само што е добредојден во борбата против корупцијата, туку е и потребен доколку навистина власта, сегашна или идна, се стреми кон правично општесто и кон европските стандарди.

- Идниот закон за потекло на имотот треба многу јасно и децидно да ги опфати не само избраните и именувани функционери, туку и граѓаните. Треба да биде алатка која на ДКСК ќе ѝ овоможи во одреден случај штом открие неправилност во некој анкетен лист, низ институциите на системот како што се УЈП, Катастарот, банкарските листинзи и финансиското разузнавање да се изврши детална проверка на приливот и одливот на средствата на маркираниот граѓанин. Штом се утврди дека постои остапување, новиот закон мора да предвидува ДКСК да поднесе кривична пријава до Јавното обвинителство против тој субјект. Со актуелните законски мерки, на ДСКС ѝ е оставено само да открива незаконитости, да поднесува прекршочни пријави од 400 до 2.000 евра, а посочениот лик кој сторил прекршок ако сака ќе плати, ако не ќе го оспори пред надлежен основен суд и предметот ќе се влече низ судските лавиринти се додека не застари, а позитивен исход од истиот е чиста нула. Се ќе се смени ако актуелната влада одобри закон во кој за незаконски стекнат имот и финансии ќе се одговара кривично, со затвор – вели Стојановски.

Во изминативе години јавноста во земјава беше сведок на енормни и брзи збогатувања на јавни функционери, а за ниту еден од нив не е започната постапка за проверка на сѐ што имал пред да стане функционер, што стекнал во тој период и што има откако му завршила функцијата, вели адвокатката Весна Николовска, која долги години застапува клиенти во кривично-правни процеси.

- Никој не е кривично гонет. Така е веќе 30 години. Мора да се стави точка на незаконитоста и бескрајното незаконско богатење на избраните и именувани функционери – нагласува Николовска.

ДКСК, според неа, за секоја утврдена незаконитост треба да ја извести јавноста зашто само на таков начинќе може да ги раздвижи инертните сили во обвинителството.

- Значи потребен е закон кој ќе ги „отрезнува“ функцинерите и ќе им „дише во врат“ кога ќе помислатда се збогатат незаконски – заклучува Николовска.

Досегашните искуства во светот покажуваат дека не постои еднообразност во пристапот односно во регулирањето на прашањето на потеклото на имотот. Некаде тоа е опфатено со повеќе закони, а во некои држави постојат посебни закони за потеклото на имотот. Сепак, она што е заедничко за повеќето држави вклучително и нашата држава, е тоа дека за да се спречи незаконското богатење, во секој правен систем се воведуваат механизми за контрола и проверка на имотот и приходите. Едновремено, ефикасноста на овие механизми зависи најмногу од политичката волја на оние кои се на власт, како и од капацитетите и интегритетот на институциите надлежни за проверка на потеклото на имотот и за санкционирање на незаконското стекнување имот.

 

Овој медиумски прилог e дел од проектот „Граѓански организации и медиуми против корупцијата – Коалиција за нулта толеранција“. Прилогот е подготвен со финансиска поддршка од Европската Унија. За содржината се единствено одговорни Транспарентност Македонија и НВО Инфоцентарот, и тој не мора да ги одразува гледиштата на Европската Унија.

 

 

Поврзани написи

Коментарите се затворени.

Scroll to top