klaud navreda i kleveta

Политичарите сакаат да тужат за навреда и клевета

на јан 20, 16 • од

Во периодот од три години, политичарите се јавуваат како странки во дури 43 судски случаи во основниот суд Скопје 2. Во 58% од постапките, политичарите се јавуваат како тужители, а во дури една петина од судските случаи – 20% - се тужат меѓусебно...
Pin It

Home » Активности, Анализи, Важни, Слобода за слободата на изразување » Политичарите сакаат да тужат за навреда и клевета

Интензитетот со кој политичарите и државните функционери го користат Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета, претставува исклучително важен индикатор за нивниот однос кон слободата на изразување и кон јавната дебата воопшто. Во Извештајот на Прибе, јасно е наведено дека: „Дејствијата на клевета не треба да се користат како средство за задушување на дебатата или пречка за јавните личности да се повикаат на отчетност. Постои особено загриженост кога политичарите тужат новинари за клевета, но и кога тужат и други политички личности, наместо да ги решаваат нивните разлики преку други средства како јавна дебата.“

Имајќи го предвид ова, НВО Инфоцентарот во соработка со Центарот за развој на медиуми (ЦРМ), подготви извештај за судските случаи за навреда и клевета во кои се вклучени политичари и државни функционери, а за кои е надлежен Основниот суд Скопје 2 Скопје. Извештајот се однесува на тригодишниот период од декриминализацијата на навредата и клеветата и од стапувањето во сила на новиот Закон за граѓанска одговорност за навреда и клевета, односно го покрива периодот од јануари 2013 до декември 2015 година.

Според податоците добиени од Основниот суд Скопје 2 Скопје, видливо е дека политичарите и функционерите во Македонија сакаат да тужат за навреда и клевета и притоа, тужат други лица, но се тужат и меѓусебно. Во периодот од три години, политичарите се јавуваат како странки во дури 43 судски случаи за навреда и клевета. Во 58% (25) од постапките, политичарите се јавуваат како тужители, а во една петина од судските случаи – 20% (9) – политичарите се тужат меѓусебно. Интересно е да се напомне дека според Основниот суд Скопје 2, во текот на 2015 година, во сите 9 нови случаи за навреда и клевета во кои како странки се јавуваат политичари – се јавуваат како тужители. До моментот на затворање на овој извештај завршени се 62% (27) од случаите. За 16 предмети (37% од вкупниот број судски случаи) има правосилна пресуда, а за 11 (25%) се води жалбена постапка.

Од анализата на пресудите на овие предмети, а воедно и од директниот мониторинг на дел од случаите во кои како странки се јавуваат политичари може да се заклучи дека судиите во постапките во кои се вклучени високи државни функционери постапуваат различно во споредба со случаите во кои се вклучени понискиот ешалон политичари, новинари или пак, обични граѓани.

Случаите во кои како тужители се јавуваат високи државни функционери се одвиваат експресно во само неколку рочишта и во нивна корист. Судиите не се придржуваат во целост на членот 6 од Европската конвенција, кој предвидува право на правична судска постапка и овозможуваат побрзо одвивање на постапките. Најилустративен пример за итното постапување на судиите се случаите во кои како тужител се јавува поранешниот премиер Никола Груевски.

Во случаите во кои се вклучени високи државни функционери, исто така, видливо е дека примената на Европската конвенција и праксата од Стразбур, кои меѓу другото предвидуваат носителите на јавни функции да имаат поголем праг на толеранција во однос на критиките, е недоследна и во насока на целосна заштита на честа и угледот на функционерите, а на штета на слободата на изразување. Едновремено, во овие судски постапки Судот не го препознава или само делумно го препознава јавниот интерес, како и праксата на Судот во Стразбур која укажува на тоа дека кога станува збор за значајни општествени теми и кога намерата е да се поттикне јавна дебата за прашања од витален општествен интерес, се толерира претерување, па дури и провокација. Покрај судските постапки на поранешниот премиер, пример за ваквото постапување на судиите се и случаите на Гордана Јанкуловска против Петар Шилегов, како и на Сашо Мијалков против Фокус.

При постапувањето во случаите кога се вклучени високи државни функционери, судиите недоследно го применуваат  и трипартитниот тест на кој инсистира Судот во Стразбур, особено во делот на пропорционалноста на мерката со која се ограничува слободата на изразување, односно висината на определениот надоместок, со легитимната цел која се настојува да се постигне (заштита на честа и угледот на тужителот).

Овој извештај е подготвен во рамките на проектот „Застапување за слобода на изразување“, поддржан од Проектот на УСАИД за граѓанско општество кој го спроведува Фондацијата Отворено општество – Македонија.

Политичарите и судските случаи за навреда и клевета, јануари 2016

 

Поврзани написи

4 Responses to Политичарите сакаат да тужат за навреда и клевета

Scroll to top