ilustracija

Општините немаат политики и механизми за антикорупција

на мај 18, 20 • од

Дури 70% од општините немаат никаков документ за антикорупција. Кај повеќето од општините кои имаат усвоено некаква политика за борба против корупцијата, овие документи се од постар датум – од 6 до 12 години и не се ревидирани. Неколку општини на своите интернет-страници имаат објавено антикорупциски документи, но одговориле дека немаат. Во ниту една општина која доставила одговор нема пријавено корупција во последните две години...
Pin It

Home » Активности, Анализи, Важни » Општините немаат политики и механизми за антикорупција

Општините во земјава, генерално, немаат развиено посебни практики и механизми за спречување на корупцијата. Свесноста за корупцијата и особено за судирот на интереси е на многу ниско ниво. Заложбите во насока на спречување на корупцијата и судирот на интереси сè уште се само декларативни. Има општини кои дури и не знаат дека имаат усвоено антикорупциски документи, како и општини кои имаат и практикуваат одредени антикорупциски правила, но не ги препознаваат како такви. Покрај изработка, усвојување, воведување и спроведување на конкретни антикорупциски политики и механизми, се чини дека е потребна и масовна едукација на локално ниво за етичките стандарди, како и за препознавање, контролирање и управување со судирот на интереси и за спречување на корупцијата.

Infografik 1Дури 70% од општините немаат никаков документ за антикорупција. Кај повеќето од општините кои имаат усвоено некаква политика за борба против корупцијата, овие документи се од постар датум – од 6 до 12 години и не се ревидирани. Неколку општини на своите интернет-страници имаат објавено антикорупциски документи, но одговориле дека немаат. Во ниту една општина која доставила одговор нема пријавено корупција во последните две години.

Само четири општини одговориле дека имаат некаков конкретен механизам за пријавување корупција. Само четири општини одговориле дека во последните две години имале случаи на пријавување на постоење конфликт на интерес. Само 5% од општините имаат акт за прием на пријави од укажувачи, а само 7% имаат назначено лице за прием на пријави од укажувачи.

Само една општина навела дека во последните две години реализирала обуки за интегритет или за спречување на корупцијата за функционерите или за администрацијата. Неколку општини имаат усвоено стратегии за управување со ризиците кои во себе содржат определени антикорупциски елементи и механизми, но според одговорите, тие не се препознаваат како такви. Само неколку општини ги ставаат антикорупцијата и интегритетот како клучни заложби и цели во своите највисоки стратешки документи (на пример, Струмица, Велес, Гази Баба).

Infografik 2Во 2019 година, ДКСК често разгледувала случаи за спречување корупција и судир на интереси на локално ниво. Од вкупно 24 седници, ДКСК на дури 22 седници разгледувала пријави, претставки или иницијативи кои се однесувале на градоначалници, членови на општински совети или вработени во општините. ДКСК отворила вкупно 65 предмети, а половината од нив ги отфрлила поради неоснованост или недостиг од податоци. Дури една третина од најсериозните прекршувања за кои ДКСК повела иницијативи за поведување постапки за кривично гонење или за утврдување одговорност во делот на спречувањето на корупција, се однесуваат на локално ниво.

Ова се дел од клучните наоди на истражувањето/ мапирањето на политиките, механизмите и практиките за борба против корупцијата на општините во Република Северна Македонија, спроведено во рамки на проектот „Рефлектор врз антикорупциските практики на локално ниво“, финансиски поддржан од УСАИД. Ова истражување ги опфати сите општини, како и Градот Скопје. До сите општини и Градот Скопје беа доставени барања за пристап до информации од јавен карактер. Одговори и документи доставија вкупно 68 или 84% од вкупниот број општини во државата.

Целосниот текст од Истражувањето „Антикорупциски политики и практики на општините“ ќе го најдете на следниов линк.

Во прилог се препораките до општините зa воведување, унапредување и спроведување на антикорупциски политики и механизми.

Поврзани написи

Коментарите се затворени.

Scroll to top