KP

Општините, кризата, транспарентноста и вклучувањето на граѓаните

на мај 14, 20 • од

Локалните власти на Велес, Крива Паланка и Неготино, презедоа низа мерки и активности за справување со пандемијата од КОВИД-19. Сепак, потребно е дополнително зајакнување на комуникацијата и консултациите со локалното население особено во руралните средини...
Pin It

Home » Активности, Анализи, Важни » Општините, кризата, транспарентноста и вклучувањето на граѓаните

Локалните власти на Велес, Крива Паланка и Неготино, во првиот месец од вонредната состојба, презедоа низа мерки и активности за справување со пандемијата од КОВИД-19. Тие зачестено ги известуваa граѓаните за преземените мерки и активности поврзани со здравствената криза и тоа, главно преку општинските интернет и фејсбук страници, но и преку медиумите. Иако, известувањето на жителите на овие општини е засилено и редовно, сепак, потребно е дополнително зајакнување на двонасочната комуникација и консултациите со локалното население особено во руралните средини, како и поголемо вклучување на месните заедници. Исто така, препорачуваме општините особено внимание да им посветат на транспарентноста и отчетноста во трошењето на општинските буџети, јавните набавки, како и на добиените и распределните донации.

Ова се клучните наоди од мониторингот на работата на општините Велес, Крива Паланка и Неготино, во првиот месец од прогласувањето на вонредната состојба заради КОВИД-19 . Набљудувањето има за цел да ги следи мерките и активностите што ги преземаат локалните власти за справување со кризата, нивната транспарентност и отчетност, како и вклученоста и информирањето на граѓаните.

Од почетокот на здравствената криза, општините во континуитет спроведуваат активности, мерки и услуги за полесно справување со последиците од пандемијата КОВИД-19. Активностите претежно се одвиваат преку кризните односно општинските штабови за заштита и спасување, а во соработка со локалите самоуправи, советите на општините, Дирекцијата за заштита и спасување, Центарот за управување со кризи, општинските организации на Црвениот крст, здравствените установи и другите државни и локални институции. Одлуките за дејствување во вонредни услови, главно, се носат на состаноците на општинските кризни штабови, кои понатаму се операционализираат од надлежните служби.

Општините, следејќи ги владините заклучоци и препораки, брзо реагираа со соодветни мерки и активности. Се дезинфицираа улиците, јавните површини, урбаната опрема, јавните и станбените објекти, а поставена е и механизација за автоматска дезинфекција на моторните возила. Обезбедени се соодветни просторни услови за извршување на тестовите за присуството на КОВИД-19, а формирани се и мобилни волонтерски тимови за помош во домашни услови на стари, изнемоштени и осамени лица, на лица со посебни потреби и на други ранливи категории граѓани. Истовремено, за граѓаните достапна е и телефонска психолошка поддршка.
Во услови на вонредна состојба договорите за набавка на определени добра и услуги наменети за помош, превенција и заштита од ширењето на заразата, се склучуваат преку непосредна спогодба, без објавување оглас и барање мислење од Бирото за јавни набавки. Преку овој вид договори, општина Крива Паланка, на пример, набавила хуманитарна помош односно прехранбени и хигиенски средства. Имајќи го предвид фактот дека ваквите набавки преставуваат потенцијален ризик од корупција, препорачуваме засилена транспарентност и отчетност на општините во спроведувањето на постапките и трошењето на буџетските средства. Едновремено, препорачуваме општините да се придржуваат до препораките на Владата , за време на вонредната состојба да не спроведуваат јавни набавки за несуштински добра и услуги.

Од аспект на информирањето на граѓаните, мониторингот покажа дека локалните власти редовно ги известуваат граѓаните за преземените активности и услуги поврзани со здравствената криза. Најчесто информациите се објавуваат на официјалните интернет и фејсбук страници на општините и градоначалниците, како и во медиумите. Општините известуваат и за пристигнатите и распределени донации од бизнис заедницата, индивидуалци и хуманитарни организации, кои најчесто содржат заштитна опрема, но и храна и други артикли наменети за ранливите категории на граѓани. За граѓаните полесно и поедноставно да ја пронајдат бараната информација на општинските интернет-страници, препорачуваме општините да ги систематизираат и класифицираат информациите, па дури и да креираат посебни банери/ линкови за определена категории на известувања. Иако, информирањето на жителите на овие општини е засилено и редовно, сепак, потребно е дополнително зајакнување на двонасочната комуникација и консултациите со локалното население особено во руралните средини, како и поголемо вклучување на месните заедници.

Во овој период на мониторинг локалните самоуправи имаа скратено работно време, граѓаните имаа ограничен пристап до општинската администрација, која работеше само на неодложни постапки. Граѓаните ги добиваа услугите главно по електронски пат и преку контакт со административните службеници.

Мониторингот го спроведе НВО Инфоцентарот, во соработка со граѓанските организации од Крива Паланка, Велес и Неготино – Спектар, Активо и СПО Кул, во периодот март – април 2020 година, а во рамки на проектот „Активни граѓани и партиципативна демократија на локално ниво“, финансиски поддржан од Меѓународниот центар „Улоф Палме“ од Шведска.

Поврзани написи

Коментарите се затворени.

Scroll to top