Untitled

Омбудсманот меѓу институциите и граѓаните

на ное 21, 17 • од

Народниот правобранител е перципиран како транспарентна и отворена институција, од страна на граѓаните, граѓанските активисти и новинарите. Сепак, досегашното искуство покажува дека граѓаните сѐ уште не се доволно информирани за неговите надлежности и неговата улогата во заштитата на човековите слободи и права...
Pin It

Home » Активности, Анализи » Омбудсманот меѓу институциите и граѓаните

Граѓански мониторинг на Народниот правобранител

Народниот правобранител е најважната и клучна независна државна институција која треба да ги промовира, штити и унапредува човековите права на граѓаните во Република Македонија. Имајќи го предвид ова, НВО Инфоцентарот, во соработка со Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија, во рамки на проектот „Граѓански мониторинг на Народниот правобранител“, од декември 2016 година, континуирано ја набљудува работата на Народниот правобранител.

Главниот фокус третиот извештај е функционирањето на регионалните канцеларии на Народниот правобранител во Струмица, Битола, Штип, Куманово, Кичево и Тетово, како и перцепцијата на новинарите и граѓанските активисти за степенот на отвореност, достапност и ефикасност на оваа независна институција.

За потребите на извештајот беа спроведени интервјуа со замениците на Народниот правобранител во регионалните канцеларии, а беа одржани и шест фокус групи со новинари и граѓански активисти од Скопје, Битола, Струмица, Тетово и Штип.

novinari ngo

 

Народниот правобранител е перципиран како транспарентна и отворена институција, од страна на граѓаните, граѓанските активисти и новинарите. Сепак, досегашното искуство покажува дека граѓаните сѐ уште не се доволно информирани за неговите надлежности и неговата улогата во заштитата на човековите слободи и права.

Исто така, граѓаните сѐ уште не се убедени дека препораките и укажувањата на Народниот правобранител се доволно силни да ги натераат државните институции да не дискриминираат и да не ги кршат нивните права и слободи. Му забележуваат попустливост спрема поранешната власт, но констатираат дека во последните две до три години почнал подобро да функционира како заштитник на правата на граѓаните.

Новинарите и активистите сметаат дека Народниот правобранител, доколку сака да ја засили сопствената репутација и ефикасност во заштитата и промоцијата на човековите права, мора да биде ослободен и отпорен на секакви политичко-партиски влијанија, да располага со независен буџет, да има соодветно кадровско екипирање. Народниот правобранител, исто така, треба да биде постојано на терен, да биде бескомпромисен, решителен и гласен, но и многу брзо и енергично да реагира на сите кршења на слободите и правата на граѓаните од страна на државните институции.

Едновремено, новинарите и активистите препорачуваат, Народниот правобранител да ги засили и подобри односите со јавноста преку подолгорочна комуникациска стратегија, почесто и посуштинско присуство во јавноста, назначување портпарол, децентрализација на комуникацијата со новинарите на локално ниво, редовно користење на новите медиуми и социјалните мрежи (Фејбук, Твитер, Јутјуб), како и дополнителна едукација и надградба на вештините за комуникација на вработените.

Постои висок степен на зависност на регионалните канцеларии од главната канцеларија во Скопје и тоа, не само од аспект на медиумското претставување, туку и од аспект на нивното постапување по сопствена иницијатива. Отсуството на редовни директни средби и  колегиуми со Народниот правобранител и главната канцеларија, кај регионалните канцеларии создава чувство на изолираност и недоволна запознаеност со суштествените текови на работењето на институцијата

Зависноста од канцеларијата во Скопје е можеби една од главните причини заради која, замениците и регионалните канцеларии не се доволно препознатливи и проактивни во насока на стекнување доверба кај локалното население. Исто така, неможноста регионалните канцеларии да постапуваат по случаи во специјализираните области, како што се, правата на детето, недискриминацијата, превенцијата од тортура, уште повеќе ја засилува перцепцијата кај граѓаните дека за заштитата на нивните права единствено се надлежни лично Народниот правобранител и канцеларијата во Скопје.

Регионалните канцеларии не се соодветно екипирани, ниту од аспект на бројот на вработени, ниту од аспект на нивната стручност. Оттаму, овој проблем мора да биде што поскоро надминат, а треба да се пронајдат начини за нивно поголемо  осамостојување. Исто така, треба  да се разгледа можност,  вработените да се обучат за постапување и во специјализираните области (права на детето, недискриминација).

Регионалните канцеларии се незадоволни од примената на нивните препораки од страна на институциите и тоа во прв ред, Министерството за внатрешни работи, локалната власт, Агенцијата за катастар, центрите за социјална работа. Од друга стана, пак, најголемиот број претставки на граѓаните на локално ниво се однесуваат на потрошувачките права и работата на судовите.

Целосен текст на извештајот: Граѓански мониторинг на Народниот правобранител, Извештај бр. 3

Поврзани написи

Коментарите се затворени.

Scroll to top