mrt gray

МРТ – пропагандна машинерија на власта

на фев 3, 15 • од

Македонската радиотелевизија, целосно и во континуитет, потфрла во својата улога на јавен радиодифузен сервис на граѓаните на Република Македонија. Ниту во случајот Кежаровски, ниту во случајот со штрајкот на СОНК, ниту пак, во случајот со кривичната пријава против Заев, МРТ не го застапува јавниот интерес, туку се става во функција на пропагандната машинерија на власта, и тоа како директен актер и инструмент на владината пропаганда...
Pin It

Home » Активности, Важни, Мониторинг на Медиуми » МРТ – пропагандна машинерија на власта

НВО Инфоцентарот, во рамките на својата програма за постојан мониторинг на медиумите,  а во соработка со Центарот за развој на медиуми, подготви анализа за информирањето на јавниот радиодифузен сервис за случајот Кежаровски, за штрајкот на СОНК и за кривичната пријава против лидерот на СДСМ, Зоран Заев.

Во периодот од 15-ти до 21-ви јануари 2015 година, беа мониторирани случајот Кежаровски и штрајкот на СОНК, а на 31-ви јануари беше мониторирано известувањето на МРТ за кривичната пријава против лидерот на опозициската СДСМ, Зоран Заев.

Македонската радиотелевизија, целосно и во континуитет, потфрла во својата улога на јавен радиодифузен сервис на граѓаните на Република Македонија. Ниту во случајот Кежаровски, ниту во случајот со штрајкот на СОНК, ниту пак, во случајот со кривичната пријава против Заев, МРТ не го застапува јавниот интерес, туку  се става во функција на пропагандната машинерија на власта, и тоа како директен актер и инструмент на владината пропаганда.

МРТ не се обидува ниту минимално да ги почитува професионалните новинарски стандарди во информирањето на јавноста. Нејзиното известување е пристрасно, еднострано, тенденциозно и манипулативно. Односот кон фактите е селективен и секогаш мотивиран од намерата безрезервно и по секоја цена да се поддржат владините политики и ставови.

Во случајот Кежаровски очигледна е намерата на МРТ целосно да ги минимизира, па дури и да ги премолчи збиднувањата поврзани со одлуката на Апелацискиот суд и враќањето на Кежаровски во затвор. Јавниот сервис објави информации за намалената казна на Кежаровски, како и за неговото условно пуштање на слобода, но не ја информираше јавноста за неговото експресно ноќно упатување во затвор. Всушност, МРТ повеќе сака да скрие информации, отколку непристрасно и детално да информира за овој исклучително важен случај, кој темелно задира во слободата на изразување и слободата на информирање во државава.

Дополнително, новинарите на МРТ, во ниту еден од прилозите не искажаа принципелна солидарност со својот колега и од име на јавниот сервис не им дадоа поддршка, ниту на протестите, ниту на Кежаровски.

За разлика од информирањето за случајот Кежаровски, информирањето на МРТ за штрајкот на СОНК е обилно и секојдневно. Но, како и во случајот со Кежаровски, јавниот сервис за штрајкот информира крајно еднострано, манипулативно и пропагандистички. Уредниците и новинарите во информативната програма на МРТ1, се ставаат во улога на директни учесници и арбитри, кои ја поддржуваат позицијата на власта и на секаков начин се обидуваат да ја убедат јавноста дека штрајкот е штетен, дека тој е само лична корист на синдикалните лидери и дека не ужива голема поддршка меѓу наставниците.

Целокупното информирање на МРТ за кривичната пријава против Заев, во централните вести на Првиот телевизиски канал, на денот на обелоденувањето на случајот, траеше околу 13 минути. Од нив само една минута му беше отстапена на Заев и тоа, дури во 11-тата минута од вестите. Останатите 12 минути, МРТ  ѝ ги препушти на власта, во прв ред на премиерот Груевски, на кого му беше отстапена речиси една третина од целокупното информирање за овој случај. Прилогот за неговото обраќање траеше речиси 4 минути и со него беа отворени вестите.

Сите најави, прилози и информации кои беа објавени во Дневникот 2 на МРТ, се обликувани – од една страна, да ја конструираат сликата за Заев како предавник, кој без какво и да е сомневање, сакал да направи пуч и насилно да је преземе власта, а од друга страна, да го претстават премиерот како „херој“ кој спречил обид за државен удар, и кој не подлегнува на никакви уцени и притисоци. Несомнено, наративот на известувањето беше директно пресликан од изјавите на обвинувачката страна, т.е. власта, и сите конотации и нагласени пораки помеѓу пораките на власта и содржините на јавниот сервис беа високо усогласени.

Новинарите постојано ја повторуваа синтагмата „спречен обид за државен удар за насилно преземање на власта“, а во неколку наврати беше истакнато дека за кривичното дело за кое се товари Заев, најмалата казна затвор е 4 години. Постојаното повторување на овие синтагми и констатации не е во функција на информирање на граѓаните, туку, претставува ефикасна пропагандна техника за еднострано испраќање пораки до јавноста.

МОНИТОРИНГ НА ИЗВЕСТУВАЊЕТО НА МРТ ЗА КЕЖАРОВСКИ, СОНК И ЗАЕВ

 

 

Поврзани написи

Коментарите се затворени.

Scroll to top