македонија - бугарија

Македонија-Бугарија: Замрзнат конфликт?

на сеп 16, 13 • од

Медиумите, генерално, во информирањето (не)свесно применуваат техники со кои се зајакнуваат постојните стереотипи, се репродуцираат предрасудите и се стимулираат емоциите на публиката...
Pin It

Home » Мониторинг на Медиуми » Македонија-Бугарија: Замрзнат конфликт?

Второ, карактеристичен е селективниот избор на темите кои се обработуваат, прашањата кои се поставуваат и, секако, фокусот врз настаните. На пример, од 461 прилог, колку што беа опфатени со овој мониторинг, само во два прилога (колумни на Ѓорѓи Спасов и Тодор Пендаров) се постави прашањето за тоа каква е улогата на Македонија во креирањето на конфликтните ситуации во односите со Бугарија. Овој тренд беше воочлив и во изборот на темите од Бугарија кои се третираа во медиумските содржини. Се известуваше и фокусот се насочуваше генерално кон аспектите од настаните што лесно може да се врамат во негативен контекст, како на пример, самозапалувањата за време на протестите во Бугарија, насилството и обидите за фалсификати за време на изборниот процес и др. Обидот источниот сосед да се прикаже како заостаната држава со огромни демократски, социјални и економски недостатоци и покрај нејзиното членство во Европската унија, само привидно за своја директна мета ја има Бугарија. Иако не толку очигледна, првенствена цел на овој дискурс е идејата дека членството во Европската унија, како и либералните политички и економски решенија што ЕУ ги носи, не претставуваат успешен модел за демократизација на државата и подобар живот на граѓаните. Преку илустрирањето на Бугарија во негативно светло, медиумите ги убедуваат македонските граѓани дека Европската унија не им носи бенефит и подобар живот. Ова беше забележливо и во позитивното и благонаклонето известување на повеќето македонски медиуми за популистичките барања на учесниците на протестите во Бугарија, за одземањето на лиценците на странските компании кои го „краделе народот“,како и во нивните повици за демонтирање на целокупната либерална елита и за изразеното жалење што слични настани не се случиле во Македонија.

Трето, медиумските коментатори честопати експлицитно применуваат теории на заговор за да објаснат одпределено однесување на актерите од Бугарија. Дел од новинарите ја следат оваа тактика главно преку правење алузии. Ова беше видливо во мноштвото коментари во кои оопределени искази и однесување на бугарската официјална политика се интерпретираа како дел од поширок заговор против Македонија, во кој, покрај Бугарија, учествувала и Грција, и кој влече корени од 1913 година. Куриозитет е што дел од ваквите коментари се појавија во периодот по средбата на премиерот Груевски со неговиот бугарски колега, Борисов, во/за која доминираше попозитивно и помирливо известување и која навести дека можеби ќе има подобрување на односите и, секако, попозитивно информирање на јавноста. Посакуваната намера на ваквите коментари беше да се засени тукушто создадената јавна, позитивна илустрација на односите меѓу државите, преку наметнувањето на “вистинската“, опскурна страна на политиката, која, сепак, се крои тајно, без разлика на видливата содржина. Конфликтниот дискурс на овој начин се нормализира.

Четврто, медиумите често се стремат кон нагласување на парадигматскиот пол на јазикот. На пример, случајот со Казашки, бугарскиот новинар кој разочаран од состојбата во Бугарија изјави дека ќе побара македонско државјанство, медиумите се потрудија да го претстават како парадигматски пример за целосната состојба во Бугарија. Исто така, преку прилозите за „случајот Казашки“ може да се детектира начинот на кој се нагласува разликата меѓу „добрата состојба во Македонија“ и „лошата состојба во Бугарија“. Сосема различна стратегија медиумите применија во известувањата и коментарите во однос на огромниот број Македонци кои поседуваат бугарско државјанство. Во овој случај се коментираше дека граѓаните тоа го прават од економски причини и дека повеќето од нив ќе се откажат од документите кога Македонија ќе стане членка на ЕУ и се имплицираше дека тие не можат да ја претставуваат целината од граѓани, која, и покрај сѐ, не побарала спас од економските проблеми во бугарското државјанство.

Медиумите, генерално, во информирањето (не)свесно применуваат техники со кои се зајакнуваат постојните стереотипи, се репродуцираат предрасудите и се стимулираат емоциите на публиката. Во ваква атмосфера, да се изрази различно мислење е акт на храброст, а просторот за дебата за горливите прашања чие решавање е предуслов за подобрување на состојбите е многу стеснет или воопшто го нема.

НВО Инфоцентарот, во рамките на програмата за содржинска анализа на медиумите „Медиумско огледало“, во периодот од 1 февруари до 30 мај 2013 година, го следеше и анализираше информирањето на медиумите за односите меѓу Република Македонија и Република Бугарија.

Во мониторингот беа вклучени шест дневни весници: „Фокус“, „Дневник“, „Утрински весник“, „Вест“, „Вечер“, „Нова Македонија“ и централните информативни емисии на седум телевизии: „Телма“, „24 Вести“, „АлсатМ“; „Алфа“, „Канал 5“, „Сител“ и МРТ1.

Во периодот од 4 месеци беа објавени вкупно 461 прилози посветени на односите меѓу Македонија и Бугарија, како и на општествените случувања во Бугарија.

Во печатените медиуми беа објавени 238 (52%) текстови: „Дневник“ – 80 (17%), „Утрински весник“ – 49 (11%), „Вечер“ – 39 (8,5%), „Нова Македонија“ – 30 (6,5%), „Вест“ – 23 (5%), „Фокус“ – 17 (4%).

Македонија-Бугарија: Замрзнат конфликт?

Поврзани написи

Коментарите се затворени.

Scroll to top