1

Корупцијата кај судиските тоги – многу повеќе се зборува отколку што се докажува

на фев 8, 21 • од

За корупцијата во правосудството се зборува, но многу помалку се докажува. Причини за тоа има многу. Разрешени судии има, но не поради корупција...
Pin It

Home » Активности, Важни » Корупцијата кај судиските тоги – многу повеќе се зборува отколку што се докажува

 

 

За помалку од секунда Гугл пронаоѓа речиси 30 илјади текстови во кои пишува „корумпирани судии“. Некои од текстовите датираат пред седум и повеќе години, што значи дека кај нас од одамна се пишува за корупција меѓу судиите.

Но, иако на темава се говори и пишува со декади, на терен односно во пракса, во целокупната македонска историја, на прсти се бројат судиите кај кои со конечна судска пресуда е докажано дека барале односно добиле поткуп, или пак, биле правосилно осудени за злоупотреба на службената положба и овластување зад кое се крие корупција.

Проверката на судиите во антикорупциската комисија главно завршува со затворени предмети, или со прекршочни налози.

За корупцијата во правосудството се зборува, но многу помалку се докажува. Причини за тоа има многу. Разрешени судии има, но не поради корупција.

Недоволна aнтикорупциска проверка

2

Во 2005 година Амбасадата на САД објави црна листа на незавршени корупциски предмети во македонските судови. Тоа го вклучи алармот и ги вознемири судиите, особено претседателите на судовите.

Тогашниот весник „Време“ напиша дека американскиот амбасадор во земјава, Лоренс Батлер, му посочил на премиерот Владо Бучковски дека „не е затворен ниту еден случај поврзан со корумпиран политичар“.

Шеснаесет години подоцна во контекст на најавата за прочистувањето во правосудството, впечатокот дека има такви предмети е речиси идентичен, но дали зад таквото поведение може да се крие корупција е прашање за кое нема единствен и конечен одговор.

Новите антикорупционери веднаш откако се оформија се фрлија на работа, па беа преплавени со иницијативи за испитување корупција, судир на интереси и влијанија. Сепак, во 2019 година, имало само неколку судии кои биле под лупа на антикорупционерите.

Извештајот на ДКСК за 2019 година покажа дека само во пет предмети се расправало за влијание на судиите за вработување на нивни синови, ќерки и внуци, и сите пет биле затворени бидејќи не се утврдило дека имало влијание при вработувањето.

Едниот предмет е за вработувањето на внукот на поранешниот претседател на скопскиот кривичен суд, за кој ДКСК информираше дека бил испратен и до скопското обвинителство. Но, оттаму ги известиле дека не може да постапуваат заради застареност на делото.

Освен ова, антикорупционерите отворија предмет за испитување на имотот на пет судии кои беа споменати во Извештајот на Стејт департментот. Сепак, како што одминува времето и таа проверка не ветува дека ќе открие несразмерно збогатување на имотот на судиите. Една постапка е веќе запрена.

„Постапката за проверка на податоците за имотната состојба од анкетнит лист на ‘’, судија во Основен суд ‘’, се запира“. Ова го пишува во образложението судијка од бомбите од Кривичниот суд во Скопје, за која, ДКСК донело решение за запирање на постапката.

Финансиската полиција, МВР и УЈП не констатирале несразмерно збогатување на судиите.

И за судиите, како и за сите останати функционери, како министри, градоначалници, пратеници, директори, ДКСК констатира дека без софтвер кој ќе биде поврзан со другите институции, многу тешко е да се докаже дали некој несразмерно се збогатил и дали некој судија има непријавен имот.

И кога судиите не пријавиле, или дале неточни податоци, завршуваат само со прекршочен налог. Така беше во 2013 година, кога тогашната ДКСК поднесе прекршочни налози за 26 судии, зашто не ги пријавиле промените во имотот.

Тaка беше и лани кога за 17 судии беа поднесени прекршочни пријави за непријавен имот. Ако се земе вкупниот број на судии во државата, тоа зачи дека вакви налози има за околу три проценти од судиите.

Заменик-претседателката на ДКСК, Софка Пејовска-Дојчиновска, потврди дека лани започналепроверка на податоците за имотната состојба од анкетните листови на 31 претседател на сите основни и апелациски судови во државата.

„По прибирањето на податоци од надлежни институции и по разгледувањето, во 8 случаи е донесена одлука за запирање на постапката, односно не се утврдени елементи за натамошно постапување на ДКСК“, вели Пејовска – Дојчиновска и додава дека постапувањето по останатите предмети е во тек.

Во 2020 година биле оформени и шест предмети по доставени пријави во кои се укажува на непријавен, односно на несразмерно стекнат имот на судии, но постапувањето е во тек. Самата ДКСК одлучила да спроведе постапка за испитување на имотната состојба во два случаи.

Лани само еден случај за судир на интерес за судија

3

Дел од граѓаните се сомневаат дека судиите се корумпирани и тој сомнеж го темелат на донесените судски одлуки. Лани, на пример, до ДКСК, граѓаните поднеле вкупно 30 пријави. Пријавите претежно биле за неправилно изведени докази, или за неправилно утврдена фактичка состојба.

ДКСК за тие пријави постапува на два начина. Доколку има елементи што упатуваат на некакво сомневање за незакоско постапувањето на судијата во текот на постапката се доставуваат на надлежно постапување до Судскиот совет. Пријавите, пак, во кои нема елемент што упатува на сомнеж за корупција и во кои се искористени сите правни лекови, се отфрлаат.

Само во еден предмет е констатиран судир на интереси, за што антикорупционерите го известиле Судскиот совет. Тоа е во случајот кога поранешен претседател на основен суд не се изземал од учество во постапката за преземање на неговиот син и потпишал спогодба за преземање на лицето од Секретаријат за спроведување на Рамковен договор во основениот суд.

„Добиен е одговор од Судскиот совет – изречена му е писмена опомена на судијата“, вели Пејовска-Дојчиновска од ДКСК.

На прашањето зошто тешко се докажува корупцијата кај судиите, антикорупционерите прстот го вперуваат во Обвинителството.

„Докажувањето на корупцијата кај судиите бара спроведување бројни истражни дејствија што може да го направат само обвинителствата во содејство со другите органи што имаат такви надлежности“, вели заменик-претседателката на антикорупционерите.

Ретко има судии осудени за корупција

4

Ако се ретки примерите за корупција и несразмерно збогатување за кои постапува антикорупциската комисија, тогаш уште поретки се оние примери каде што има конечни судски пресуди, а каде што за корупција се осудени судии.

Еден од ретките примери е од 2017 година, кога охридски судија беше правосилно осуден поради поткуп од 10 илјади денари, а подоцна Судскиот совет го разреши.

Во пресудата на Апелациониот суд во Битола пишува дека обвинетиот охридски судија „во повеќе наврати директно побарал подарок за себе од лицето Т. М. и тоа најпрво побарал подарок од 10.000 денари, крајно побарал подарок од 5.000 ден., за да изврши службено дејствие во рамките на своето службено овластување кое што морал да го изврши и да го реши предметот МАЛВП. 90/14 кој му бил доделен во работа“.

Оштетениот го пријавил настанот во полиција. Банкнотите биле претходно обележани, па полицајците го фатиле судијата буквално со обележаните пари в џеб. Судијата се правдал дека парите го побарал како заем. На крајот судијата добил условна казна.

Ваквите примери се ретки. Побројни се оние примери кога судии биле обвинувани или осудени, но пресудите биле укинувани или не се докажале делата.

Претседателот на Судскиот совет, единственото тело кое избира, унапредува и разрешува судии, Киро Здравев, пак, вели дека освен таа пресуда не се сеќава на друг понов пример каде Советот разрешил судија поради корупција, односно поткуп.

„Имаше еден друг случај, ама тоа беше многу одамна. Околу деведесеттите имаше случај во Штип, кога фатија судија во кафеана со сопругата на притвореник, на самото место зеде мито, па беше разрешен“, вели Здравев.

Судскиот совет со кој раководи разрешува судии, но не поради корупција, туку поради нестручно и несовесно вршење на судиската функција.

На прашањето каде го лоцира проблемот, со оглед на тоа што јавно постојано се говори и пишува за корумпирани судии, а фактички такви случаи речиси и да нема, Здравев вели:

„Треба да се пријави. Ако е поткуп во прашање мора некој да пријави, па да се обработат парите. Досега сите зборуваат корумпирано судство, а никој не пријавил“.

Судиите кои Судскиот совет ги разрешуваше за правосилна пресуда беа само за нивното постапување како судии, или кога за судиите имало правосилна пресуда со која судот утврдил дека се виновни.

Поранешниот врховен судија, Дане Илиев, е на иста линијасо Здравев, но корупцијата, вели тој, не се однесува само на давање односно примање мито.

„Ако ја гледаме корупцијата само како мито, тогаш да, нема такви пресуди, но корупцијата не е само мито. Тоа е и влијание при вработување, влијание за одлуки…“, вели Данев, и дополнува дека тоа потешко се докажува.

Обвинети, осудени и невини

5

Македонската јавност виде неколкумина судии на обвинителна клупа. Така беше во предметот „Ликвидација“ кога беа осудени судии. Според обвинението, едниот судија во 2008 година побарал од обвинет поткуп од 2.000 евра за да гласа за укинување на притворот за предмет во кој како обвинет за разбојништво се јавува заштитениот сведок во предметот „Ореше“, заедно со уште едно лице.

Обвинет беше и негов колега за неовластено оддавање информации и податоци за сведоци и за протививзаконско посредување.

Но, Врховниот ги укина пресудите и предметот го врати на повторно одлучување, а кога тоа се случи делата застареа.

Во случајот „Изгрев“ пак, исто така беа обвинети, па ослободени три судијки. Во пресудата пишува дека судијките:„М.О., М.Н. и С.П. кои го сочинувале стечајниот совет постапувале согласно законот“, па „во дејствијата на обвинетите не се содржани битните елементи на кривичните дела за кои се обвинуваат“, пишува во пресудата.

Идентичен пример е со предметот „Јустиција“, каде беа обвинети судии дека намерно застарувале предмети. Битолска Апелација пресече дека обвинителството не докажало дека три судијки и службениците се виновни, па ги ослободи од обвинение.

„Јавниот обвинител не докажал надвор од разумно сомневање дека обвинетите го сториле делото за кое се обвинуваат…“, пишува во пресудата на Апелациониот суд.

Оние неколкумина судии кои првично признаа вина, пак, сега бараат тие пресуди да им се укинат. Државата на обвинетите кои се ослободени или им застареле делата, треба да им ги плати трошоците за судењата.

Не така одамна беа отфрлени и кривичните пријави за шест судијки кои ја потврдија лустрацијата на сега покојниот кичевски судија Драги Билевски, иако Европскиот суд за човекови права во Стразбур потврди дека имало пропусти во постапката.

Јавноста памети како Апелациониот суд ги прифати приговорите на обвинетите во предметот „Титаник 2“ на СЈО, каде што првично беа обвинети петмина управни судии, но колегите од скопска Апелација ги спасија од обвинение и нив не им се суди.

Во обвинението на СЈО за нив пишуваше дека обвинетите судии „надвор од своите службени овластувања интервенирале и во фактичката состојба и утврдиле поинаква фактичка состојба“.

Активни судења против најмалку четворица судии

6

Во последниве години има десетина разрешени судии. Постапките за некои од нив се влечеа со години. Во решението за разрешување на Јово Вангеловски, пишува дека експретседателот на највисокиот суд се повикал на уставната и законска заштита на судијата дека не може да одговара за искажано мислење во судска одлука.

Но, Судскиот совет тоа не го прифатил, па во решението за него напишал: „Во конкретниот случај не станува збор за изразено правно мислење при одлучувањето по предметот КЗЗ бр.11/2017, туку за нестручно и несовесно постапување на судијата“.

Истото важи и за другите двајца судии кои гласаа исто како и Вангеловски: Рахилка Стојковска и Ристо Катавеновски.

СЈО уште во 2017 достави иницијативи до Советот за утврдување факти за разрешување судијки кои нестручно постапиле по нивните предмети, но епилог доби само судијката од Кривичниот суд, Татјана Михајлова поради злоупотреби со АКМИС-системот.

Но, освен разрешувањата, во судовите во моментов има најмалку четири судења против четворица судии. Сите се обвинети за злоупотреба на службената положба и овластување.

Тука се и судијата Зоран Теофиловски, кој е член на Судскиот совет и за кого судењето треба допрва да почне, управниот судија Мустафа Шахини, како и експретседателот на Врховниот суд, Јово Вангеловски кој беше разрешен, но е обвинет дека намерно не ѝ исплаќал надоместоци на неговата колешка, Лидија Неделкова.

Првостепено осуден е експретседателот на скопска единица Вадимир Панечвски со обвинение за злоупотреба на службената положба во врска со местење предмети во АКМИС-системот.

Новинарката Христина Беловска, која со години секторски го следи правосудството, вели дека треба да се направи вистинско прочистување, а не на „козметичко-показна вежба за пред меѓународниот двоглед“.

Мора, вели таа, темелно да се испита одговорноста и да се расчисти дали има криминалци облечени во судиската тога и кои се тие, а не да се сведе на полемизирање дали судиите биле стручни и совесни.

Беловска го посочи последниот пример кога кај судски курир кој починал биле пронајдени над 1000 платни налози.

„Судскиот совет се сомнева дека и двајца судии се вмешани во некаква шема со ‘фаќањето прашина’ на илјадници предмети. Ако го земеме овој случај како предизвик ќе видиме на крај колку е тешко докажувањето на корупцијата во судиските редови, како ќе се обезбедат докази, а тука треба да се има предвид и фактот дека тие се добри познавачи на законите, но и законските дупки кои елегантно ги ползуваат“, посочи Беловска.

Смета дека влијанието е најголемиот невидлив непријател на правната држава кај нас.

 

Овој  прилог e дел од проектот „Граѓански организации и медиуми против корупцијата – Коалиција за нулта толеранција“. Прилогот е подготвен со финансиска поддршка од Европската Унија. За содржината се единствено одговорни авторите, Транспарентност Македонија и НВО Инфоцентарот, и тој не мора да ги одразува гледиштата на Европската Унија.

Поврзани написи

Коментарите се затворени.

Scroll to top