akcent

ИЗБОРИ 2016: Мониторинг на МРТ1 – Дебатна емисија Акцент

на ное 24, 16 • од

Започнувајќи го циклусот дебатни предизборни соочувања, МРТ1 не понуди објаснување за тоа врз основа на кои критериуми ја прави селекцијата на теми за дискусија, особено за оние изданија на емисијата „Акцент“ посветени на само една тематска област...
Pin It

Home » Активности, Важни, Мониторинг на Медиуми » ИЗБОРИ 2016: Мониторинг на МРТ1 – Дебатна емисија Акцент

Третиот извештај од мониторингот на информативната програма на првиот програмски канал на македонски јазик – МРТ1 на јавниот радиодифузен сервис ги содржи наодите од анализата на едночасовната дебатна емисија Акцент, која се емитува секој четврток во вечерните термини на првиот телевизиски канал на МРТ. Во анализата се вклучени пет изданија на Акцент, емитувани на 20 и 27 октомври и на 3, 10 и 17 ноември 2016 година. 

Дебатите на 20 октомври и на 3 ноември беа посветени на образованието и на здравството, и на нив своите ставови ги изложија и противставија претставниците на најголемите политички партии од власта и опозицијата: ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ, ДПА и СДСМ.Изданијата на Акцент од 27 октомври и 10 ноември, пак, им беа отстапени на дел од коалициските партнери на најголемите политички субјекти, на помалите партии и на оние кои самостојно ќе настапуваат на претстојните избори. Во овие две емисии беа претставени позициите на политичките претставници на изборите, а се дискутираше и за политичко-економски теми. Дебатата на 17 ноември беше посветена на анализа на предизборните активности и изборните листи на партиите.

Во петте дебатни изданија учествуваа вкупно 17 претставници на 12 политички партии и 2 политички аналитичари. Претставниците на СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ, ДПА и ГРОМ сочинуваа 58,8 отсто од вкупниот број претставници на политички партии и коалиции, додека коалициите предводени од СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ беа претставени со подеднаков број претставници (по 5 од секоја коалиција). Од „албанскиот политички блок“ беа застапени две политички партии (ДУИ и ДПА) со 4 претставници или 23,5% од вкупниот број партиски учесници. Од вкупно 17 политички претставници само 2 беа жени или 11,8%, и тоа единствено од партиите од опозицискиот блок.

Започнувајќи го циклусот дебатни предизборни соочувања, МРТ1 не понуди објаснување за тоа врз основа на кои критериуми ја прави селекцијата на теми за дискусија, особено за оние изданија на емисијата „Акцент“ посветени на само една тематска област. Иако образованието и здравството се теми од значаен јавен интерес, сепак се поставува прашањето зошто токму овие области беа избрани за дебатно соочување на најголемите политички партии од власта и опозицијата. Особено, ако се има предвид дека во овој период во јавноста и во вестите на МРТ1 беа застапени и други исклучително важни и горливи теми од јавен интерес, како на пример, прислушувањето, корупцијата, зголемувањето на државниот и јавниот долг, сиромаштијата, Скопје 2014, состојбата со слободата на изразување и медиумите, судството, истражните постапки на СЈО итн.

Водителот има неутрален и балансиран тон во обраќањето спрема учесниците. Во текот на дискусијата ги брани принципите на јавна и инклузивна демократска дебата. Ваквата интервенција има конструктивна улога во балансирањето на информациите и гледиштата во дебатата, но, сепак, останува впечатокот дека, понекогаш, дел од гостите не успеваат да се изборат за еднаква „гласност“ во дискусијата.

Прашањата на новинарот се најчесто општи и непристрасни. Тој ја креира основната рамка за дебата, не навлегува подлабоко во темите, не поставува „тешки“, непријатни, деликатни и провокативни прашања и остава самите учесници да ги диктираат аспектите, тонот и интензитетот на меѓусебната дискусија.

Од серијата прашања на различни теми може да се увиди дека позицијата на неутралност на новинарот и избегнувањето критички прашања, повеќе им одговара на владејачките партии, бидејќи на ваков начин тие се поштедени да дадат одговори за бројните проблеми во различни општествени области во кои токму власта креира и спроведува политики.

Во дебатата од 27 октомври, во делот за економија, новинарот своите прашања ги конципираше врз основа на сугерирачки, позитивен и некритички приод спрема владините економски политики. Дискусијата беше поставена во еднострана рамка, на линија на власта и нејзините ставови дека проблемите во економијата се предизвикани од политичката криза, дека пред кризата Македонија била атрактивна за странски инвестиции, дека невработувањето е на „историско“ најниско ниво и дека амбиентот за водење бизнис е одличен.

Три од петте предизборни дебатни изданија на „Акцент“ беа достапни и на македонскиот знаковен јазик за глувонеми лица.

Целосен текст на извештајот: Избори 2016-МРТ1 Дебатна емисија Акцент – трет извештај

Поврзани написи

Коментарите се затворени.

Scroll to top