what-is-public-relations

Владата информира или пропагира?

на апр 21, 14 • од

Анализата на содржините објавени во медиумите, а креирани во Владата, недвосмислено покажува дека во комуникацијата на извршната власт со јавноста, информирањето на граѓаните за политиките од јавен интерес, не е во преден план. Оваа комуникација е примарно во насока на убедување на граѓаните дека Владата е „успешна и безгрешна“, односно дека е „тефлон“ - извршна власт на која не се лепи ниту една грешка, ниту еден неуспех, ниту еден скандал, а во која успешно се „готват“ и спроведуваат политики по мерка на секој граѓанин. Законската обврска за информирање на јавноста е претворена во пропагандно - индоктринирачка активност, чија главна цел е создавање позитивен имиџ за власта, како во медиумите, така и во јавноста...
Pin It

Home » Активности, Анализи, Важни » Владата информира или пропагира?

НВО Инфоцентарот, со поддршка на Фондацијата Отворено општество Македонија (ФООМ), спроведува мониторинг на односите со јавноста на Владата и на владините институции, со цел да утврди како извршната власт ја информира јавноста за спроведувањето на јавните политики, за своите активности, за постигнатите резултати, за постојните проблеми, како и да утврди какви пораки упатува Владата до македонските граѓани.

Првиот извештај го опфаќа новогодишниот и постновогодишниот период, односно периодот од 20 декември 2013 до 30 јануари 2014 година. Предмет на анализа беа официјалните соопштенија на Владата и на министерствата, објавени на официјалните владини интернет-страници; информациите поврзани со работата на извршната власт, а објавени од страна на државната агенција МИА; прилозите, изјавите и интервјуата на владините претставници, како и на претставниците на владејачките партии во јавноста, односно во медиумите, со посебен фокус на новогодишното официјално обраќање на претседателот на Владата, Никола Груевски, и неговото предновогодишно интервју дадено за Првиот програмски сервис на Македонската телевизија (МРТ1).

Анализата на содржините објавени во медиумите, а креирани во Владата, недвосмислено покажува дека во комуникацијата на извршната власт со јавноста, информирањето на граѓаните за политиките од јавен интерес, не е во преден план. Оваа комуникација е примарно во насока на убедување на граѓаните дека Владата е „успешна и безгрешна“, односно дека е „тефлон“ – извршна власт на која не се лепи ниту една грешка, ниту еден неуспех, ниту еден скандал, а во која успешно се „готват“ и спроведуваат политики по мерка на секој граѓанин. Законската обврска за информирање на јавноста е претворена во пропагандно-индоктринирачка активност, чија главна цел е создавање позитивен имиџ за власта, како во медиумите, така и во јавноста.

Ваквото пропагандистичко однесување, на пример, беше регистрирано дури и во деновите кога опозициската СДСМ го објави случајот „Висарис“. Анализата покажа дека со овој, но и со другите случаи обелоденети во истиот период од страна на опозицијата, не се занимаваше Владата, туку стратегијата е тие да се одвојат од неа и да се префрлат на теренот на меѓупартиски препукувања. На ваков начин, во јавноста се обиде да се создаде слика дека станува збор само за „вечните“ партиски препукувања меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, а не за нешто суштинско и коруптивно во работењето на Владата и на власта во целина.

Власта континурирано во јавноста креира црно-бела слика за доброто и злото во општеството. Носители на „црното“ и на „хаосот“ се, пред сѐ и над сѐ, опозицијата и критичарите на власта: Носители, пак, на сѐ што е добро и „бело“ во општеството се власта, односно Владата и премиерот. На ваков начин, Владата во комуникацијата користи драстични поедноставувања на реалноста и нејзино проектирање низ црно-бели очила, односно континуирано креира наратив кој разликува само спротивставеност и борба на црно и бело, добро и зло, правда и неправда, чесност и корумпираност. Во таквиот наратив Владата за себе го чува монополот врз чесноста, работливоста, правдата, додека на останатите актери им доделува ролји на речиси филмски негативци. Со ваквата поставеност на начинот на кој комуницира со јавноста и другите, Владата диктира силна поларизација и поделеност во општеството и сосема ги исфрла од игра категориите како што се соработка и дијалог за определени прашања.

Освен пропагандистичка димензија, овој тип на јазик е и длабоко перформативен – не станува збор само за дисторзија и замаглување на реалноста, туку и за обид да се создаде наменска и креирана општествена реалност. Сиромашноста на симболите, нејасноста на знаците и манихејството не се слабост на овој тип реторика, туку нејзина предност. Овој јазик создава облици на идентификација или со други зборови гради идентитети кои се на линија на интересите на власта и нејзините политики. Им сугерира на луѓето кој е виновен за нивните несреќи, неуспеси и сигнализира кој треба да биде исклучен од колективниот идентитет, за правдата да биде задоволена. Затоа овие идентитети не се толерантни и не се чувствителни на плуралната реалност на општеството, туку рефлектираат анти-плуралистички светоглед, во кој освен за бинарните опозиции (ние – тие, добрите – лошите, чесните – корумпираните, обичните луѓе – „забеганите“ либерали) нема место за какви било други нијанси.

Поврзани написи

Коментарите се затворени.

Scroll to top