download

Мониторинг: „Десоросоизацијата“ во медиумите

на апр 3, 17 • од

НВО Инфоцентарот во рамки на својата програма за набљудување и анализа на медиумите, во периодот јануари – февруари 2017 година, спроведе мониторинг на известувањето на 16 медиуми за темата „десоросоизација“. Оваа тема стана фреквентна во кон крајот на 2016 година, а продолжи со засилено темпо во првите два месеци од 2017 година...
Pin It

Home » Активности, Важни, Мониторинг на Медиуми » Мониторинг: „Десоросоизацијата“ во медиумите

НВО Инфоцентарот во рамки на својата програма за набљудување и анализа на медиумите, во периодот јануари – февруари 2017 година, спроведе мониторинг на известувањето на 16 медиуми за темата „десоросоизација“. Оваа тема стана фреквентна во кон крајот на 2016 година, а продолжи со засилено темпо во првите два месеци од 2017 година.

Извештајот има за цел да утврди колку и на каков начин медиумите кои се опфатени со набљудувањето, известувале за оваа тема во информативните т.е. електронските изданија. Предмет на интерес е квалитативниот аспект на известувањето, пристапот, тонот, врамувањето (framing) и контекстуализацијата на содржините. Со овој мониторинг се опфатени централните вести на телевизиите: ТВ 24, Телма, Сител, МРТ1, Алсат М, Канал 5, Алфа и ТВ 21, дневните весници: Слободен печат, Дневник и Вечер (нивните интернет-страници / електронски изданија) и порталите: А1.он, Плусинфо, Република, Курир и НоваТВ.  Предмет на мониторингот се информативните програми на телевизиите и електронските медиуми, како и дебатните емисии, во кои се дискутира за „десоросоизацијата“.

Извештајот содржи наоди кои се изготвени врз основа на анализа на видео-прилозите емитувани во централните изданија на вестите, како и на новинарските прилози објавени во весниците и порталите. Врз селектираниот материјал е направена содржинско-квалитативна анализа со користење контекстуални индикатори за проверка и дополнување на наодите и резултатите. Набљудувањето и анализата на известувањето на медиумите е финансиски поддржано од Фондацијата Отворено општество – Македонија (ФООМ).

Проглас на ВМРО-ДПМНЕ за „десоросоизација“ на македонското општество

Поимот „десоросоизација“[1] прв го употреби претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски на собирот пред Државната изборна комисија (ДИК), на 17 декември 2016 година, додека членовите на Комисијата одлучуваа по приговорите на жалбите од предвремените парламентарни избори одржани шест дена претходно.[2] Груевски пред насобраните поддржувачи ја најави „десоросоизацијата“ во петтата точка на т.н. „проглас“ на ВМРО-ДПМНЕ: „Ќе се бориме за десоросоизација на Македонија и јакнење на независен граѓански сектор, кој нема да биде под ничија контрола. Ќе се пристапи кон регулирање на областа на финансирање на фондациите и невладините организации по теркот на најнапредните демократии во светот“[3].

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ за „десоросоизацијата“  зборуваше и во своето мега-интервју за порталот Република, објавено на 3 јануари 2017година. Новинарот на Република, кој го правел интервјуто, а не беше потпишан, во пријателски манир го потсетил поранешниот премиер дека се договориле да направат „едно интервју поврзано со активностите на Сорос во Македонија“.


 

[1]Именска изведенка од презимето на основачот на Фондацијата „Отворено општество“, Џорџ Сорос, што треба да означи намалување на активностите на Фондацијата во Македонија, што пак, имплицира најава за нејзино ослабнување.

[2]Во извештаите на телевизиите и електронските медиуми, освен поимот „десоросоизација“, застапени беа и други именски деривати од него, како „десоросизација“ и „десоросовизација“.

[3]http://kurir.mk/makedonija/vesti/gruevski-ke-se-borime-za-desorosoizatsija-na-makedonija-i-jaknene-na-nezavisen-graganski-sektor/

Поврзани написи

Коментарите се затворени.

Scroll to top