infografik 2

Анкета: Што мислат граѓаните за Народниот правобранител?

на мар 30, 19 • од

Резултатите покажуваат дека две третини од граѓаните знаат за постоењето на институцијата Народен правобранител, а солиден број се запознаени со дел од нејзините основни надлежности. За Народниот правобранител најмногу слушнале испитаниците од Источниот регион - 85,2%, а најмалку оние од Полошкиот – 43,8%...
Pin It

Home » Активности, Анализи, Важни » Анкета: Што мислат граѓаните за Народниот правобранител?

Граѓаните ја препознаваат оваа институција како заштитник на нивните права

НВО Инфоцентарот, во рамки на проектот „Граѓанско набљудување на Народниот правобранител“, поддржан од Амбасадата на Соединетите Американски Држави (САД), спроведе анкетно истражување за тоа какви се перцепциите и ставовите на граѓаните за работата и перформансите на Народниот правобранител (НП).

Анкетата беше спроведена во периодот од 16 февруари до 7 март 2019 година, на повеќеслоен стратификуван примерок од 1.202 испитаници, постари од 18 години. Примерокот е национално репрезентативен според пол, возраст, етничка припадност, регион и место на живеење.

Резултатите покажуваат дека две третини од граѓаните (66,6%) знаат за постоењето на институцијата Народен правобранител, а солиден број се запознаени со дел од нејзините основни надлежности. За Народниот правобранител најмногу слушнале испитаниците од Источниот регион – 85,2%, а најмалку оние од Полошкиот – 43,8%. Повозрасните граѓани се повеќе информирани за Народниот правобранител, додека младите од 18 до 29 години, се најмалку информирани за постоењето на оваа институција.

infografik 1s

Голем дел од граѓаните (76,3%) се подготвени да му се обратат на Народниот правобранител доколку им е повредено некое право. Овој висок процент покажува дека граѓаните ја препознаваат оваа институција како заштитник на нивните права наспроти државните и јавните институции.

Сепак, тоа што речиси половина од испитаниците не знаат каде и како можат да му се обратат на Народниот правобранител недвосмислено укажува на потребата од поголема промоција и видливост на оваа институција, на нејзините надлежности и секако, подобро и поинтензивно информирање за начините каде и на коj начин, засегнатите граѓани можат да доставуваат претставки и да комуницираат со Народниот правобранител.

02 InfogrficПовеќе од половината испитаници се изјасниле дека Народниот правобранител е професионален во своето работење, а 47% од испитаниците сметаат дека оваа институција е транспарентна. Речиси 40% од испитаниците сметаат дека Народниот правобранител е независен во своето работење. Нешто над 40% од испитаниците мислат дека Народниот правобранител е поставен на таа позиција заради својата блискост со власта, додека 37% сметаат дека тој се наоѓа на таа позиција благодарение на својата стручност.

Овие податоци покажуваат дека Народниот правобранител, според перцепцијата на граѓаните, покажува добар степен на професионалност и транспарентност, а потоа на стручност и независност во својата работа. Тоа не се исклучително високи проценти, но се забележливо подобри во споредба со јавната администрација, чија независност, професионалност и транспарентност, граѓаните, во континуитет, ja оценуваат многу слабо, па, дури и незадоволително.

Оттаму, резултатите од оваа анкета, укажуваат на потребата од натамошно засилување на интегритетот, професионалноста, стручноста и транспарентноста на Народниот правобранител, што пак, неминовно ќе води кон независност и зголемена доверба на граѓаните спрема оваа институција.

Целосниот текст на анализата на резултатите од анкетата ќе го најдете на овој линк.

Поврзани написи

Коментарите се затворени.

Scroll to top